Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Oдлуката за распишување на референдум од 30 јули 2018 година, е противуставна. Таа е во конфликт со одредбите содржани во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните како и со веќе воспоставените европски и меѓународни стандарди, кои создаваат обврска за нивна непосредна примена во домашниот правен поредок, вклучително и на Кодексот за добри референдумски практики усвоен од страна на Венецијанската комисија при Советот на Европа, чијашто полноправна членка е и Република Македонија, се вели во Иницијативата до Уставен суд поднесена на 10 септември, за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Oдлуката за распишување на референдум.
Иницијативата е поднесена од дваесеттина јавни личности, историчари, дипломати, интелектуалци меѓу кои Наташа Котлар, Мелпомени Корнети, Ефтим Клетников, Арна Шијак и други.
Од овие причини, се вели во Иницијативата, изрично бараме од Уставниот суд донесената Одлука за распишување на референдум да ја прогласи за противуставна и противзаконска и како таква истата да ја поништи. Според нив, врз таа основа, Уставниот суд треба да изрече и времена мерка на итно запирање на активностите планирани во врска со организирање и спроведување на референдумот.
Основно е, како што се вели во Иницијативата, што Одлуката е во директна спротивност со владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија(воспоставена во членот 8 алинеја 3 од Уставот). Дополнително, констатираат потписниците на Иницијата, Уставот(член 119 став 1) предвидува надлежност на претседателот на Република Македонија за склучување на меѓународните договори во името на Република Македонија.
Додека ставот 2 од истата одредба истакнува дека меѓународни договори може да склучува и Владата кога тоа е определено со закон.
-Меѓутоа, во членот 3 став 2 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори (“Службен весник на Република Македонија” број 5/1998) не се остава можност за склучување на ваква Спогодба која се однесува пред се’ на промена на името на државата и менување на националниот и државниот идентитет, за што, Владата нема мандат, се вели во Иницијативата.
Според потписниците на Иницијативата, треба да нагласи и дека референдумското прашање кое гласи: “Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ е крајно проблематично од аспект на неговата поставеност, со тенденција да создаде конфузија кај граѓаните што предизвикува ризик тие при нивното изјаснување и гласање да се водат од сосема погрешна претстава за тоа што била целта на изјаснувањето. Имено, прашањето е сосема непрецизно и нелогично поставено, поаѓајќи од непрецизното и нецелосното именување на самата Спогодба постигната со Грција.
-Во него се содржани три сосема различни прашања, кои истовремено и засебно се однесуваат на 1) потпишаниот Договор со Грција чија суштина, меѓу другото, се однесува на промена на името на државата Република Македонија во Република Северна Македонија, 2) влегувањето во НАТО, и 3) можното влегување во Европската Унија. Иако секое од овие прашања е засебно и треба да биде предмет на посебно референдумско изјаснување, сите тие се испреплетени во едно! Целта, веројатно е: излезените гласачи на референдумот да бидат наведени да гласаат ЗА промена на името на сопствената држава, со сите негативни и штетни последици кои од тоа ќе произлезат по нивниот национален и културен идентитет, како и по идентитетот и опстанокот на државата, а преку широко распространетата манипулација, која е засилена низ механизмите на пропагандната машинерија, дека тие всушност се изјаснуваат за иднината и перспективите на нивната татковина како идна членка на ЕУ и НАТО, се констатира во Иницијативата.
Трослојноста на прашањето, велат иницијаторите за Макпресс.мк, го изместува тежиштето од клучното прашање (промената на името на државата и идентитетот на македонскиот народ и нација) кон некакво илузорно поставено прашање за членство во ЕУ и НАТО, во ситуација кога се’ уште нема официјална покана, ниту формална одлука на овие институции за членство.