Advertisements
Славни

Имаше само 19 години: Дури сега откриени детали за смртта на Пинки од култниот „Рани“

Младиот српски актер Душан Пекиќ филмската публика го запозна и го памети по улогата на деликвентот Пинки од култниот филм „Рани“, но малкумина ја знаат приказната за неговата трагична судбина.

Пекиќ трагично го загуби животот во 2000 година, кога имаше само 19 години, додека беше на отслужување на воениот рок. Неговата мајка Милунка Тасиќ дури пред неколку дена собра сила да ги прочита наодите од обдукцијата за смртта на нејзиниот син.

„Беше во Краљево, во војска, претходниот ден беше заклетвата. Претера со пијачката. Кога се разделивме, отишол со пријателите во соседниот град и продолжиле да пијат. Се вратиле околу полноќ во касарната, а кога офицерот следното утро ги будел војниците, Душан го оставил да спие. Секогаш се будеше тешко“, открива мајката за српски Mondo.

Неколку мигови потоа некој од касарната чул кркорење и сфатил дека младиот Пекиќ се гуши. Но, кога стигнала помошта веќе било предоцна.

„Во обдукцискиот наод пишува дека смртта настапила поради гушење, поради вдишување на желудачната течност. После 18 години се осудив да го прочитам овој наод“, тврди мајката која никого не обвинува за смртта на својот син.

„Тоа е несреќен сплет на околности. Живееше брзо и кратко, но исполнето. Беше спремен сè да сподели со сите – и храна, и облека, па и домот кога некој немаше каде да преспие. Беше милостив, затоа веројатно уште е жив споменот за него во срцата на многумина, а тоа е чекор до вечноста“, заклучува таа и додава дека долго време немала срце да го изгледа филмот по кој многумина го паметат.

„Кога прв пат го изгледав, сакав да бидам сама. И жив е, и не е. Како да го милувам по лицето, кога го слушам неговиот глас. Со денови после тоа не излегував меѓу луѓе“, вели мајката.

Улогата во „Рани“ беше прва и последна за Пекиќ. Иако не го сакаше многу школото, беше истраен и убеден во тоа дека еден ден ќе запише актерска академија. Филмот „Рани“ многумина го паметат и по тоа што на хрватската премиера беше прикажуван со превод.

Advertisements
To Top