Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
За првпат откога почна политичката криза во земјава партиите успеаја да се договорат за прашање за кое имаа несогласувања без пржински преговори со меѓународни посредници. По три дена расправа во Собранието, тие го утврдија составот на Комисијата за избори и именувања, чие формирање е неопходно за да се пристапи кон избор на нов претседател на Собранието.
Претходно го утврдија соодносот според кој ВМРО ДПМНЕ има шест претставници, СДСМ пет, а ДУИ и Беса по еден. СДСМ го бараше претседателското место во комисијата аргументирајќи дека има коалиција со другите партии и, според тоа, мнозинство во парламентот. Но ВМРО ДПМНЕ возвраќаше дека без да продолжи конститутивната седница не може да има ново парламентарно мнозинство, што значи дека во овој момент тие ја имаат најголемата парламентарна група и им следува претседателското место.
Седницата, пак, ќе продолжи в понеделник, но, како што најави Димовски од Собранието, тогаш само ќе се гласа за составот на комисијата што тој треба да ја предводи, а потоа партиите треба да доставуваат предлози за претседателското место во парламентот, кои комисијата ќе ги разгледува. Оливер Спасовски од СДСМ истакна дека на крајот се согласиле со изборот на Димовски за претседател на Комисијата за да ја одблокираат работата на парламентот и, како што вели, да не дозволат тој да стане заложник на политичката криза.
Инаку денот не ветуваше дека партиите ќе постигнат договор, особено што на утринската координативна средба повторно не се поместија позициите од претходните три дена. Освен тоа, партиите продолжија со вообичаените расправања за тоа кој ја кочи работата на парламентот. Сепак, на крајот се утврди составот на Комисијата за избори и именувања и работата може да продолжи в понеделник.