Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Спроти актуелната масовна хистерија од одредени кругови кои под влијание на грчката политика, тврдат дека Македонците немаат ништо заедничко со своите антички предци, а што е потпишано и во договорот со Грција, со свој став се јави професорот Илија Чашуле кој тврди нешто спротивно. Во продолжение прочитајте го целиот негов став објавен на Фејсбук:
Сум пишувал за ова повеќе пати, ама мислам дека е поактуелно од кога било. Ве молам трпеливо прочитајте го текстов.
Каков е македонскиот јазик? Власта и за жал многумина интелектуалци одговараат едноставно: јужнословенски јазик и ништо друго.
Меѓутоа, во науката тој се определува и како балкански јазик (во сооднос со другите балкански јазици, како албанскиот, бугарскиот новогрчкиот, романскиот, ароманскиот, ладино па дури и турскиот).
Средиштето и жариштето на т.н. граматички балканизми е (југозападна) Македонија.
Едно од објаснувањата за балканизмите (на пр. удвојувањето на објектот, постпозитивниот член (инаку уникатно троен во македонскиот јазик, како и во ерменскиот на пр.), губењето на падежниот систем, категоријата на засведоченост, употребата на глаголската именка, ширење на категоријата на преодност, глаголските времиња со глаголот има, како имам одено итн.) е дека тие се должат на меѓудејство со стар, супстратен балкански јазик и дека се тие плод на јазичен контакт. Сите овие граматички системски одлики не се словенски.
Згора на ова, моите долгодишни проучувања утврдуваат уникатна основна лексика во македонскиот јазик која е од супстратот. На пример; БАРА, ВРНЕ, ЗБОРУВА, ВИКА, ЧУКА, ВАДИ, ТУРНЕ, УРНЕ, ПРЕТА, БРКА, ДЕЛНЕ, СЕ ДУРМИ и понатаму БРЧКА, ГУРЕЛКА, ШАКА, БАЧ, БАМБАЛ, частиците ЛЕ, ДЕ, и БЕ исто и ДА, суфиксот .МИНА како во ПЕТМИНА. Во некои случаи се работи и за јужнословенизми.
Кој е тој супстрат? Според моите сознанија тоа е бригискиот јазик кој во антиката се зборувал имено на територијата на Р. Македонија, поточно во нејзиниот западен и централен дел, од кој подоцна се развил пајонскиот. Според видните лингвисти Ј. Русу и А. Меје старомакедонскиот има две компоненти: бригиска и од атички грчки, од кои втората е бездруго контактна.
Така што нашите врски со старомакедонскиот не се за потценување.
ЗНАЧИ. МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Е ЈАСНО СВЕДОШТВО ЗА СТАРИТЕ БАЛКАНСКИ ЈАЗИЦИ.
Најинтересното е што моите материјали укажуваат и на значително словенско присуство (околу Дунав или и понајуг) на Балканот во стариот век.
(Сите мои трудови се објавени во угледни научни списанија.)
Во нашата јавност некои, особено од сегашната минлива власт, со презир гледаат на нашата стара историја со што ги газат нашите предци. Тука нема антиквизација, туку јасна стварност.
Албанците сакаат да се поврзат со Илирите, Бугарите со Траките, Романците со Даките, Грците ем со старите Грци ем со старите Македонци (последново е лажен мит). Според нашите политичари и гласните негатори само ние немаме такво право, а за тоа има најмногу доказателства во македонскиот јазик, но и во фолклорот, носиите, архитектурата, музиката итн.
Толку од мене овде. Значи: македонскиот е балкански и јужнословенски јазик со важен старобалкански слој и граматика.
Голема почит, од срце, за нашите предци.