Игор Филевски Филе: Можеше ли да се спречи грозотијата во најкосмополитскиот град на светот?


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Сега сите се прашуваме дали можеше да се спречи грозотијата во најкосмополитскиот град на светот?
Не.
И напротив, веројатно и се очекуваше.

Од моето петгодишно живеење во Барселона, за тоа на два-три наврати и оставив запис.

Кога дојдов за првпат и го одбрав како место за мојот живот, уживав во тој мулти-култи концепт, космоплитизам на секој чекор, слобода и уметност, наплив од убавини и чиста енергија. Тоа е градот во кој архитектите од целиот свет велат дека е задолжително живеењето во него барем 6 месеци ако сакате да ја запознаете архитектурата во нејзината велелепност. Тоа е градот кој не прави разлики за ништо и кон никого.

Но токму таа слобода, ми го наметна и размислувањето за тоа дали може да остане така совршено засекогаш.

Кога се населивме во една од најубавите општини во Барселона, во зградата бевме единствените Македонци, меѓу сите останати Каталонци. Мароканци и Пакистанци ќе среќавате на секој чекор низ Барселона, па така и тука, но по малку гетоизирани. Живеат во квартови каде се најчесто поголема група и купуваат во продавници кои многу често се означени како „Исламска продавница“, „Исламска Месарница“ итн.

Но, нели слободата на мислата не те оптеретува да се размислува за што и да е лошо.
После две години живот во градот кој годишно го посетуваат скоро 9 милиони туристи, одеднаш во нашата зграда почнаа да се изнајмуваат дел од продавничките кои беа празни. Се пополнуваа со нови газди. Мислев дека ќе биде тоа нова продавничка или барче.

Изненадување беше дури и за мене што дуќанчето доби натпис „Исламска Заедница“. Изненадување за кратко, бидејќи не гледав логика, но нели слободата на мислата не треба да не оптеретува со фобии. За неколку месеци се отвори и вториот, па по него и третиот дуќан. Набргу трите се споија.

Кога за викенди ќе проаѓав покрај него, фрлав поглед внатре. Од радозналост. Се`беше како во џамија. Ќилими и ентериер. Малку збунувачки, додека не дојде Рамазан. Тогаш сфатив дека всушност ова се три дуќани во едно, џамија. Бидејќи нивниот кров гледаше на мојот внатрешен балкон, секое утро ме будеше мирис на готвење од „џамијата“ а понекогаш се будев и пред нивните утрински молитви. Веќе беше забележително присуството на многу млади деца кои преку викенди беа истоварувани од пикап пред мојата зграда за веројатно присуство на некои од сеансите во „мобилната џамија“.

Годините поминуваа. Мене воопшто не ми пречеше, само го забележав како факт. По некое време низ разговорот со комшиите дознав дека „џамијата“ била пријавена во полиција дека го нарушува редот и мирот во зграда. Иако да бидам искрен, не гледав со што го нарушуваа редот и мирот. Со тоа што си готвеа и мирисаше незгодно за мој вкус и што си беа посветени на молитвите?
Кога преку лето ќе ми дојдеа гости од МК, сите реагираа слично како и моите комшии. Некои ме прашуваа како сме им дозволиле од дуќаните да направат џамија. Немав одговор. Слобода на мислата, нели.

Единствено што забележував повеќе и повеќе беше тоа што Исламот се ширеше низ мојата општина со неверојатна брзина. „Исламската Месарница“ отспротива на мојата зграда и „мобилната џамија“ се прошири и на соседните два дуќани. Но, нели пак ќе кажам, слобода на мислата и слобода на движењето. Исто како што цела планета ја чувствувам моја и на секои 7-9 години ќе бирам ново место за живеење.
Така и тогаш.

Седнавме фамилијарно и донесовме одлука да одбереме ново место за живеење. Од Барселона по 5 години, решивме да се преселиме централно Медитерански, а Барселона да ја посетуваме за викенди и кога ќе имаме време. Тоа и го направивме.

Откога се преселивме, по еден месец се вративме во Барселона да си спакуваме личните работи и покуќнината и да си ја пренесеме во новиот наш дом. Се изненадив кога влегов во мојата некогашна зграда. Мобилната џамија ја немаше. Просторот беше празен. Остана само „Исламската Месарница“ отспортива. Иако и таа во помал формат. Скоро и да не верував дека тоа се променило за само 1 месец отсуство.

Комшиите ми ја објаснија подоцна приказната. По неколкуте нивни пријави, полицијата дошла и направила претрес внатре. Тоа била вахабистичка џамија, која ја оцениле како потенцијал за ширење на радикалните Исламски идеи. Во еден ден била затворена, иселена, а дел од луѓето кои ја воделе биле приведени и против нив се отворил судски процес.
Биле пронајдени докази за делување како „исламска радикална ќелија“.

Јас останав забезекнат и во неверување. Тука до мене, под мојот стан.
Се вративме и продолживме да живееме на новата наша точка на Медитеранот.
Барселона ја посетувавме за викенди, на натпревари или едноставно на гости по некој ден кај нашите пријатели кои се се уште таму.

После две години од нашата преселба од Барселона, шок со нападот на Рамбла и во Камбрилс.

Рамбла, каде сме поминале часови и часови муабети, каде прославувме победи на Класико и освојување на трофеите во Ла Лига и Лигата на Шампионите. Ла Бокерија еден од најстарите и најубавите пазари во Европа (по Борух маркетот во Лондон). Најубавите доживања во еден од најголемите спортски пабови во градот. Тапаси и тапаси изедени за вечера или Пан амб Томакет за доручек.
И веднаш се присетив на приказната која ви ја опишав.

Се присетив на сите мои медитации во Катедралата на Морето, на која ме навлече Илдефонсо Фалконес.
Се присетив и на таа Барселона 400 години порано, која ги најавувала уште тогаш космополитските стандарди.
И додека ја гледам фотографијата од моето последно седење во Катедралата на Морето, две улички од Рамбла, пак си го поставувам прашањето „Дали кожеше ова да се спречи?“

И одговорот е повторно „Не“.

Овој вид на тероризам е невозможно да се мапира и да се елиминира.
Посебно не во град кој живее во својот мулти-култи принцип, во својата слобода на мислата и слобода на движењето.
За себе знам само едно: „Слобода за сите“, што и да значи понатаму тоа, веќе не сум сигурен дека ќе продолжам да го третирам како животно гесло. Нека ми простат сите демократи и демократии како системи

Со сочувство за жртвите во ❤️Барна❤️

Пишува: Игор Филевски – Филе