Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Зголемувањето на минималната плата за 16 отсто што го најави Владата треба да се одмери уште еднаш, апелираат од Институтот за економски анализи Фајнанс тинк (Finance think).
„Предложеното зголемување на минималната плата на 14.500 денари може да претставува значаен товар за работодавецот кај 2/3 од примателите на минимална плата, додека кај 1/3 ќе помогне за формализација на платата во плико. Препорачуваме дека е потребно фокусирање врз продуктивноста на нископлатените работници и технолошкиот напредок во компаниите кои исплаќаат ниски плати“, се вели во ставот на Фајнанс тинк по објавата дека минималната плата од декември ќе изнесува 14.500 денари, а не 12.507 денари, што претставува зголемување од 16%.
Институтот смета дека нивото на минимална плата кое е конзистентно со тековната продуктивност во економијата се движи до 13.500 денари.
„До ваков наод доаѓа нашата студија за политиките од 2018 година: „Анализа на ефектите од измените во Законот за минимална плата“, во која е извршена квантитативна симулација, како и квалитативна проценка врз основа на длабински интервјуа со засегнати работодавачи. Слично, следниот графикон (од мај 2018 година) предвидува дека на почетокот од 2020 година, оптималното ниво на минималната плата изнесува 13.165 денари.
Сепак, порастот на минималната плата не треба да се гледа изолирано од другите потези на носителите на политиките. Поконкретно, предлог Законот за субвенционирање на платите предвидува ослободување од придонеси за делот од порастот на нето платите од 600 до 6.000 денари. Со овој предлог Закон, во одреден дел, се таргетира сузбивањето на „платата во плико“, за кој феномен Фајнанс тинк за првпат објави податоци и алармираше во текот на 2017 година. Фајнанс тинк го поддржува овој предлог Закон, иако укажа на нагласената потреба од негово значајно дооформување.
Следниот инфографикон се однесува на таа тема:
Според податоците за платата во плико, во мај 2017 година, 69% од примателите на минимална плата добиле и плата во плико. Но, значаен дел од платата во плико се претворил во плата на сметка со претходното зголемување на минималната плата од септември 2017 (од 10.080 денари, односно 9.590 денари во секторите кожа, обувки и облека, на унифицирано ниво од 12.000 денари). Со овој потег, уделот на приматели кои примаат минимална плата и кои истовремено добиле плата во плико се преполовил на 33.6%.
Оттука, за 66.4% од примателите на минимална плата кои во 2019 година не добиле и плата во плико, предложеното зголемување може да биде неодржливо за работодавецот за износот кој го надминува продуктивното ниво проценето на 13.500 денари.
Од друга страна, за примателите на минимална плата кои истовремено добиле и плата во плико, следните се износите на плата во плико што ги добиле:
Оттука, со оглед дека само 15% од примателите на минималната плата добиле износ во плико кој е помал од предложеното зголемување на минималната плата (помал од 2.000 денари), тековното предложено зголемување нема да претставува товар за работодавците кои исплаќале и плата во плико и ќе претставува ефикасен механизам за формализирање на „платата во плико“.
Како заклучок, предложеното зголемување на минималната плата на 14.500 денари може да претставува значаен товар за работодавецот кај 2/3 од примателите на минимална плата, додека кај 1/3 ќе помогне за формализација на платата во плико.
Фајнанс тинк препорачува предлогот за зголемување на минималната плата да се одмери уште еднаш наспроти овие податоци за состојбите во економијата. Фокусирање врз продуктивноста на нископлатените работници и ефикасноста и технолошкиот напредок во компаниите кои исплаќаат ниски плати е најсигурниот пат за раст на економијата и платите, се вели во известувањето на Фајнанс тинк.