Идната градоначалничка на Грац е комунистка чиј идеал е некогашната Југославија


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Граѓаните на Грац, вториот по големина град во Австрија, предизвикаа политички пресврт со своите гласови. На локалните избори во Грац најмногу гласови освои Комунистичката партија на Австрија (КПО), дури 28,9 проценти, што е зголемување за 8,6 проценти.

Кандидатката на комунистите Елке Кар (59) по победата рече дека анкетите не предвидувале таков успех и дека неговите „димензии се мошне неочекувани“.

„Некои даваат ветувања во неделите пред изборите. Ние пак сме тука секој ден, со години, за луѓето, особено за најсиромашните“, рече таа, објаснувајќи го таквиот успех.

Во интервју за РТЛ Директ, кое го пренесува хрватски Индекс, таа зборува за Тито и Југославија, како и за себе и за односот со граѓаните.

„Мојот телефонски број е ист од 2005 година. Имам стара нокиа со тастатура, а не смартфон, но тоа го правам веќе 16 години, одговарам на секој повик, ако не можам сега, тогаш им се јавувам подоцна, одговарам на секој СМС. Се разбира, не можам да им помогнам на сите, но барем ги слушам, можеби малку ќе им го подигнам моралот, за да знаат дека некој се грижи. Мислам дека тоа е многу важно“, рече таа.

За време на Тито не беше важно дали си Србин, Хрват, Босанец…

Нема, вели, ништо заедничко со Сталин, но идеите на Маркс ѝ се блиски.

„Има една песна од Џон Ленон – ‘Херој на работничката класа’, тоа беше мојата главна мотивација, луѓето, без разлика од каде се, без разлика дали се маж или жена, да имаат еднакви можности. Треба да ја избегнуваме неправдата, бидејќи има луѓе што уште од раѓање имаат ограничени шанси во животот, нивните шанси не се еднакви“, објасни таа.

„Јас деновиве ќе наполнам 60 години и за Тито знам уште од детството, неколку пати како дете бев во Југославија. За мене таа држава се распадна на најтажниот можен начин. Јасно е дека не беше сѐ совршено, но Тито беше рамката што го поврзуваше сето тоа. Ми се чини дека за време на Југославија не беше толку важно дали сте Босанец, Црногорец, Хрват, Словенец, Србин, бидејќи имаше рамка што ги поврзуваше различните култури, различните религии и тоа го направи токму Тито. Од сите поранешни социјалистички држави во овој дел на Европа, за мене Југославија беше најблиску до мојот идеал“, рече идната градоначалничка на Грац, која веднаш најави дека нема да се кандидира на следните избори.