И вториот вештак потврди: ДНК профилите во „Монструм“ се поклопуваат!


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Еден од вештаците во рамки на денешното рочиште за случајот „Монструм“, потврди дека еден од ДНК профилите пронајдени во возилото со марка „Опел омега“ му припаѓа на Алил Демири.

Вештакот кој воедно е и биолог кој работел на вештачењето на „опел омегата“, од 2007 година е директор на лабораторијата за ДНК анализи при МВР и посочи дека лабораторијата секоја година се акредитира.

Вештакот го потврди излагањето на неговиот претходен колега, кој истакна  дека се откриени четири ДНК профили. Посочи дека по извршената анализа со дата базата дојдено е до заклучок дека ДНК профилот на Алил Демири е идентичен со ДНК профилот на задното десно седиште од возилото.

 „Сметам дека не е можно на каков било начин при вештачењето да се направи манипулација на ДНК профилите“ , рече вештакот.

 На почетокот на денешното рочиште обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, побара од Судот да одговори до каде е постапката за екстрадиција на обвинетите  Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Косово.

 Судијата Огнен Ставрев, кажа дека има добиено одговор од Министерството за правда, и побара Обвинителството да го прочита. Во одговорот од Министерството за правда се вели дека е побарана екстрадиција на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Косово, но оти се уште нема одговор.

 На денешното рочиште се повикани четири вешти лица, од кои тројца вештаци од Министерството за внатрешни работи.

 За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12.април 2012 година, кога беа убиени Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.