И Спиро Ристовски првостепено осуден на 6 години и 3 месеци затвор излегува од куќен притвор


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


И бившиот министер во владите на ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Ристовски, ќе излезе од куќен притвор.

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд во Скопје ја прифатил гаранцијата што тој ја понудил во недвижен имот и, како што објаснуваат од Судот, кога таа ќе биде впишана во Катастарот, Ристовски ќе може да излезе на слобода. Засега, не е позната висината на гаранцијата.

Ексминистерот се наоѓа во притвор за предметот познат во јавноста како „Организаторите на 27 април“ во кој со првостепена пресуда е осуден на затворска казна од шест години и три месеци. Пресудата донесена на 26 јули 2021 година не е правосилна, со оглед дека се поднесоа жалби и треба да се изјасни и Апелацискиот суд во Скопје.

Минатата недела куќниот притвор со гаранција во недвижен имот од 209 791 евро беше укинат и за поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, кој заедно со Ристовски е првостепено осуден. Неговата казна е три месеци повисока од таа на ексминистерот. За разлика од Ристовски, куќниот притвор на Вељаноски беше укинат од Апелацискиот суд во Скопје.

Уште еден поранешен висок функционер кој е првостепено осуден на шест години и три месеци затвор за организацијата на „27 април“, Миле Јанакиески (обвинет во неколку случаи), исто така се наоѓа на слобода откако во ноември лани Апелација и нему му го укина притворот.

Сите тројца во предметот се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.