И скопска Апелација ги одби 11-те милиони евра гаранција од Мијалков за да излезе од притвор и да се брани од слобода


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


11 милиони евра во имот како гаранција не беа доволни ниту за скопска Апелација за да дозволи поранешниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков да се брани од слобода и по три ипол месеци да излезе од притвор.

Тој останува во затворот во Шуто Оризари, откако Апелациониот суд на нејавна седница одлучи да ја одбие жалбата на одбраната на Мијалков. Но, за разлика од пред три недели кога за обвинителот Артан Ајро од Обвинителството за гонење на организиран криминал оваа сума беше доволен основ за Мијалков да излезе од притвор, за вишиот обвинител Бурим Рустеми милионската гаранција беше неприфатлива.

„Ве известуваме дека Вишото јавно обвинителство Скопје, по предметот оформен по поднесена Жалба на одбраната на обвинетиот С.М. , а по разгледување на сите околности и факти, до Апелациониот суд Скопје согласно законските надлежности достави писмен предлог со кој му се предлага на Судот жалбата да биде одбиена и првостепеното решение да се потврди.“ – велат од Вишото јавно обвинителство во Скопје.

Мијалков е неправосилно осуден на 20 години затвор за нелегалното прислушување и за набавката на опрема за прислушување за УБК, а на 17 јуни го очекува нова пресуда за случајот „Тортура“. Против него се води и судски процес за случајот „Титаник 2“, а осомничен е и во истрагите „Империја“ и „Плацови на Водно“, за која неодамна беше поднесено обвинение и се чека одлука на судот дали ќе го прифати.