Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Меѓу светски моќници чии имиња се појавија во скандалозниот и контроверзен случај „Пандорините документи“ се најде и кралицата Елизабета Втора, преку компанијата „Краун естејт“, која формално е во нејзина сопственост.
„Краун естејт“ преку офшор во 2018 купил имот во вредност од 91 милион долари од семејството на контроверзниот претседател на Азербејџан, Илхам Алиев, покажува истрагата на меѓународниот тим истражувачки новинари.
Станува збор за канцеларии и недвижен имот на осум ката во ексклузивниот лондонски кварт Мејфер, кои „Краун естејт“ ги купил од компанијата „Хиниз трејд & инвестмент“, чие седиште е во познатиот даночен рај на Девствените Острови.
„Хиниз“ ја купил зградата на споменатата канцеларија и недвижен имот во 2009 година по пониска цена за неколку десетици милиони евра. Според Би-би-си, семејството Алиев заработило дури 42 милиони долари од продажбата на имотот на „Краун стрит“, а трансакцијата била извршена преку офшор-компании на Британските Девствени Острови.
Истрагата „Пандорини документи“ покажа дека сопственоста врз компанијата „Хиниз трејд & инвестмент“ била во рацете на Арза Алиева, една од ќерките на азербејџанскиот претседател, но во 2015 година била пренесена на нејзиниот дедо Ариф Пашаев.
Алиев има три деца – Лејла, Арза и Хајдар – и тие се наведени како акционери во 44 компании регистрирани на Британските Девствени Острови, во периодот од 2006 до 2018 година, покажа истрагата на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари.
„Краун естејт“ му припаѓа на британскиот монарх за време на неговото владеење, но монархот не управува со неа. Од друга страна, оваа компанија управува со свој имот, земјиште и морско дно во Англија, Велс и Северна Ирска, кои му припаѓаат на монархот. Портпаролот на компанијата за „Бизнис инсајдер“ изјави дека пред купувањето биле извршени проверки.
„Во тоа време не утврдивме ниедна причина зошто трансакцијата не треба да се изврши“, рече портпаролот.
Алиев стана претседател на Азербејџан во 2003 година по смртта на неговиот татко Хајдар, кој владееше со земјата десет години. Илхам Алиев е обвинет за корупција, местење на гласови, прекршување на човековите права и поткуп.