Хрватите револтирани – се жалаат на масовни поскапувања по воведување на еврото


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ реагираше на жалбите на граѓаните дека одделни трговци го искористиле воведувањето на еврото за да ги кренат цените.

Тој свика состанок со надлежните министри и инспекциските служби.

Пленковиќ истакна дека воведувањето на еврото не е причина за зголемување на цените на стоките и услугите.

На официјалниот сајт на владата за еврото се наведува дека според принципот за заштита на потрошувачите произлегува дека потрошувачот не смее да биде во понеповолна финансиска позиција отколку што би бил ако еврото не е воведено.

„Како и во сите други ситуации, и во периодот на двојно прикажување нужно е правилно и точно да се применат правилата на пресметување и заокружување, што значи дека цената мора да биде правилно пресметана и наведена, односно информативната пресметка во валутата која била или ќе биде службена мора правилно да ја одразува цената која му се наплаќа на потрошувачот и не смее да се заокружува на повисоко, но ни на пониско“, се наведува.

Се додава дека односот на изразените цени во куни и евра мора да одговара на математичката операција, односно правилата на конверзија и заокружување со примена на фиксен курс за конверзија во целосен износ.

„Клучниот принцип на воведувањето на еврото е заштитата на потрошувачите и потрошувачот на смее да биде во финансиски понеповолна позиција отколку што би бил доколку еврото не е воведено. Самото воведување на еврото не смее да биде, ниту е оправдана причина за зголемување на цените на производите“, се заклучува.

Луѓето во Хрватска се жалат на масовни поскапувања. Социјалните мрежи се полни со разни примери на поскапување по воведувањето на еврото, без оглед дали станува збор за продавници, разни услуги или наплата на паркирање.

Повеќето жалби се дека дошло до заокружување на цената во евра. На пример, ако нешто чинело 13 куни, цената сега е „заокружена“ на две евра, што е значително поскапување.