Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Министерот за здравство, Венко Филипче, се сретна со претставниците на здруженијата на пациенти по одлуката на Владата хронично болните да се вратат на работа.
„Станува збор за широка категорија и идејата е да ја сведеме на поткатегории со цел да не се злоупотребува системот и да биде фер за сите, односно оние кои треба да се дома и кои се навистина во ризик, да останат дома. Реален проблем е тоа што бевме сведоци на злоупотреби“, кажа Филипче.
Министерството за здравство по средбата информира дека хронично болните имаат рок до 23 септември да посетат специјалист и да добијат потврда со која поради нивната дијагноза и состојба нема да можат да се вратат на работа.
За да можат да го реализираат тоа, ќе бидат пуштени дополнителни термини на Мој термин и е-амбуланта. Доколку до 23 септември овие пациенти не стигнат да ги обезбедат потврдите, ќе се остави простор за пролонгирање.
„Иницијално идејата беше да се спреми системот, да се направат промени во правилникот, да им се дозволи на пациентите да може да направат преглед согласно оваа нова стратегија, за тој што треба навистина да седи дома, поради комплексноста на одредена хронична болест или поради тоа што во даден момент има влошување на состојбата. Меѓутоа, тоа да го утврди лекар специјалист, а не согласно претходно поставена дијагноза за хронична болест. Пациентот може да извади соодветна потврда или уверение од специјалист и на тој начин да биде ослободен од работа“, појаснува Филипче.
Тој вели дека нема простор за паника бидејќи мерката е димензионирана за да ги заштити ризичните пациенти.
„Дозволете јасно да кажам за да се расчистат дилемите, и секако да спласне паниката, затоа што нема простор за паника, ниту за незадоволство. Оваа мерка е димензионирана да го заштити здравјето на оваа критична ризична категорија граѓани. Најпрво со измена на правилникот за боледување во Фондот за здравствено осигурување ќе се дозволи лекарот специјалист да даде потврда и за отсуство од работа на неопределено време или за одредено време, многу подолго отколку што досега беше дозволено, без притоа да има контролни прегледи, праќање на комисии, дополнителни испитувања. Значи, со цел да се олесни комуникацијата, пристапот на пациентите, оваа одлука за враќање на работа на сите останати хронично болни, коишто нема потреба да ја вадат оваа потврда, ќе биде до 23 септември, значи останува доволно време во следниот период, а ќе има и доволни термини за закажување прегледи преку системот Мој термин и дополнителни термини за е-амбуланта“, рече Филипче.