Христијан Мицкоски начекан во кафана како прекршува протокол, имало обид да се бришат снимките од камерите – се огласи и Мицкоски, спремен бил да плати


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Вчерашниот ден, освен со новоизречените рестриктивни мерки со полициски час во различно времетраење низ Македонија, заврши и со инцидент во кој беше вмешан и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Инспектори кои два и пол часа биле спречени од сопствениците да влезат во кафана во Боемска улица, бидејќи внатре имало гости со што се прекршуваат протоколите за работа за повторно отворените угостителски објекти, потврдија дека еден од гостите кои го кршеле протоколот заедно со другите и сопствениците, бил и Христијан Мицкоски.

Вработените во угостителскиот објект на улица Боемска најпрво попладнево не и дозволиле на Пазарната инспекција да направи увид во затворениот дел од ресторанот со образложение дека тој е затворен. По два часа инспекторите виделе како од објектот излегува Мицкоски. Потоа случајот доби и политичка нота.

Следуваше вистинска драма која заврши со ангажман на Единицата за брзо распоредување, чии припадници очекуваа налог од јавен обвинител за да ги земат снимките од безбедносните камери во кафеаната.

Доцна синоќа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на Фејбук се огласи во врска со инцидентот во Боемска улица. Неговиот статус го пренесуваме во целост:

„Во услови кога имаме вистинска катастрофа од ширењето на корона заразата и целосно фијаско на власта која е дезориентирана и не е ефикасна, таа се занимава со тоа дали сум ручал внатре или надвор во ресторан, притоа комплетно покажувајќи го на дело нејзиното нечесно лице и инсталации. Дефокусирајќи ја јавноста со таа „епска битка“ на специјалците од ЕБР, со вработените од ресторан, јавувајќи се по медиуми, да прават приказна од нешто каде нема и низа други дезинформации, со цел да се дефокусира вниманието од вистинската катастрофа со животите на граѓаните, предизвикана од неспособната власт.

Ако некој имаше дилема, сега е повеќе од јасно, кристално јасно дека власта и параполициските сили диригирани лично од Зоран Заев ме следат. И треба да знаат, Македонија не заборава, а сите тие ќе бидат поразени!

Да, точно е дека бев со двајца мои познаници во ресторан во Дебар Маало, прв пат по укинувањето на забраната за посета на угостителските објекти, поради што и не бев информиран доволно за новите протоколи. Ако тоа е мојот најголем грев и моја грешка и пропуст, јас тоа го признавам и подготвен сум да платам парична казна поради тоа. Не мислам дека луѓето не знаат да направат грешка, битно е грешката да не е таква да направи лошо некому, да наштети некому, да биде непоправлива.

Жал ми е што денес, покрај погубните бројки на ново заболени и починати случаи, катастрофалното менаџирање со кризата од корона вирусот, економскиот дебакл на власта, кражбите на парите на граѓаните со милионски суми, рекетите, распродажбата на националните интереси, денеска тема стана и мојата средба со познаници во една скопска кафеана. Човечки е да се згреши и не сум лицемер кој едно говори пред камерите, а друго зад нив. Сакам да демантирам, дека имав било каков контакт со било кој од државната инспекција или органите на државата. Тоа се измислици за да се потхрани дефокусирањето на јавноста.

И да бидам искрен, овој мој човечки грев, сметам дека е многу помал од состојбата која денес се случува врзана со губењето на животи и неодлучноста на владата која го загрижува здравјето на сите.

Денес вистинската тема е што имаме 101 ново заразен и 4 починати. Власта сака да продаде приказна за да ја скрие вистината за себе и фактот дека моето одење во ресторан не зарази никого, но нивната неспособност и СДСМ кластерот, да.

Ако некој имаше дилема, сега е повеќе од јасно, кристално јасно дека власта и параполициските сили диригирани лично од Зоран Заев ме следат. И треба да знаат, Македонија не заборава, а сите тие ќе бидат поразени!“