Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Одбројувањето на новите претседателски избори во САД започна, па земјата е длабоко поделена во тој политички контекст и избор, а таа поделба не ја одмина ни „фабриката на соништа“ – Холивуд.
Јазот минува и низ холивудските семејства. Глумицата Анџелина Џоли и нејзиниот татко, славниот глумец Џон Војт, се добар пример: како амбасадорка на ОН за бегалците, Џоли често го критикува Доналд Трамп и неговата бегалска политика.
Нејзиниот татко е тврд републиканец и активен учесник во предизборната кампања.
„Бајден е лош, Трамп мора да победи“, им порачува на сите на разбирлив начин во предизборното видео кое деновиве се шири по социјалните мрежи, и додава: „Левицата ќе ја уништи Америка. Мораме да му се молиме на Бога за да го спречиме овој ужас“.
Сличен јаз минува низ семејството Болдвин. Стивен Болдвин, најмладиот член на актерското семејство, е деклариран обожавател на Трамп. Неговиот постар брат Алек веќе со години е синоним за потсмевање со претседателот. Тој редовно, како член на сатиричната група Сатрдеј најт лајв, милиони Американци ги смее со пародирање на актуелниот шеф на Белата куќа.
Се плашат јавно да го поддржат Трамп
Алек Болдвин е на страна на мнозинството, барем што се однесува до шоу-бизнисот. Отворена поддршка на Трамп сепак му дадоа некои познати имиња од филмскиот свет, како глумецот Џемс Вудс или комичарката Розен Бар. И рок-раперот Кид Рок отворено го поддржува републиканскиот кандидат. На страна на актуелниот претседател е и познатиот јунак на филмовите од Б продукција и вљубеник во оружјето Чак Норис.
Но, иако малку холивудски ѕвезди јавно се изјаснуваат во корист на Трамп, нивниот број би можел да биде поголем отколку што се мисли.
„Познавам многумина во шоу-бизнисот кои се републиканци и го гласаат Трамп, но за тоа не се изјаснуваат јавно бидејќи така во либералниот Холивуд би создале многу непријатели“, вели за германската агенција ДПА Фредерик Принц фон Анхалт, вдовец на филмската дива За За Габор.
Тој е горд што е републиканец и цврсто стои зад одлуката повторно да гласа за Трамп. „Трамп не направи ништо погрешно. Промената во Белата куќа би значела катастрофа за Америка“, вели 77-годишникот.
„Врати се во Австрија“
Но некогаш познатите републиканци како Клинт Иствуд во меѓувреме почнаа да се сомневаат во претседателот Трамп.
„Мојата желба е Трамп да се однесува подобро и да не ги малтретира луѓето со своите твитови“, кажа 90-годишниот глумец за Волстрит џурнал.
И друг познат републиканец годинава најави поддршка за другата страна. Арнолд Шварценегер на почетокот на септември настапи во спот со поранешната прва дама Мишел Обама. Тоа предизвика гнев кај многу корисници на социјалните мрежи кои на „Терминатор“ му порачаа да гласа за Трамп или „да се врати во Австрија“.
Овие две големи имиња само го зголемија таборот на критичарите на Трамп во Холивуд, меѓу кои се Роберт де Ниро, Том Хенкс и Леонардо Ди Каприо. Некои од нив, како Риси Витерспун и Семјуел Л. Џексон, на пример, активно се вклучија во предизборната кампања, или со снимање спотови или со организација на донаторски вечери. Меѓу познатите симпатизери на демократската партија и Бајден спаѓа и Двејн „Рок“ Џонсон.
Од есрадните големци на демократите симпатии им изрази и поп-ѕвездата Тејлор Свифт.
„Гордо ќе гласам за Бајден бидејќи на Америка ѝ е потребен претседател кој ќе се заземе за правата на малцинствата, жените и ЛГБТ популацијата“, кажа Свифт.
Можеби најпознатата династија на шоу-бизнисот, семејството Кардашијан/Вест е поделено. Додека полусестрата на Ким Кардашијан, Кајли Џенер отворено ги симпатизира демократите, Канје Вест во последните години е чест гостин на Белата куќа. Тој најави дека и самиот ќе се кандидира за претседател. Уште еден куриозитет во ионака чудната изборна година.