Хитлер и Ленин се борат за градоначалничко место во перуанско гратче


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Кога ќе се спомнат имињата на Хитлер и Ленин, првите визуелни и историски асоцијации кај секој човек од светот се оние на познатите ликови од историјата на човештвото кои коренито ја промениле истата. Но, во случајов станува збор за двајца актуелни политичари од Перу кои „сакаат да ја променат сегашноста“ на локалното население од едно перуанско гратче.

Кандидатите по име Хитлер и Ленин се натпреваруваат на изборите за градоначалник во малиот град Јунгар, кои имаат невообичаен пресврт благодарение на нивните имиња.

Хитлер Алба Санчез, кој претходно бил градоначалник на Јунгар, Перу, од 2011 до 2014 година, е кандидат за партијата „Ние сме Перу“.

Делејќи го истото име со нацистичкиот лидер Адолф Хитлер, тој се кандидира под слоганот „Јас сум добриот Хитлер!“

Но, за повторно да стане градоначалник на градот тој ќе мора да го победи кандидатот со име Ленин Владимир Родригез Валверде, пренесе Дејли мирор.

Локалниот политичар Ленин се обидел да ја блокира кандидатурата на Хитлер бидејќи наводно немал пријавен престој во градот со кој сака да управува.

Изборната комисија го отфрлила приговорот на Ленин.

Хитлер тврди дека татко му не знаел за нацистичкиот лидер и едноставно му го дал тоа име, бидејќи „звучело странски“.

Тој вели дека неколку пати размислувал да го смени своето име, но на крајот решил да го почитува изборот на својот татко, додавајќи: „Ќе се чувствував лошо ако го сменев“.

Хитлер рече дека не знае ништо за својот противник, Ленин Владимир Родригез Валверде, и вели дека неговиот противник бил избран од неговите политички непријатели едноставно за да се создаде контроверзност.

„Опозицијата го користи овој граѓанин за да предизвика конфузија и да ме доведе до врска со историски личности со кои немам никаква врска“, рече Хитлер кој не ја цени нацистичката идеологија.

Перуанскиот Хитлер тврди дека не дели ниту една од идеите на нацистичкиот диктатор, иако призна дека има афинитет кон германската култура и рече дека сака да го цитира Гете на својата Фејсбук страница.

Останува да се види дали Хитлер ќе триумфира над Ленин во жестоката политичка борба.

На изборите се натпреварува со слоганот „Хитлер за народот“.