Химна на пијаници и несреќни: Како настана една од најдобрите божиќни песни на сите времиња


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Скоро 30 години на врвот од сите музички топ листи на најдобри божиќни песни се наоѓа Fairytale of New York, од бендот The Pogues во соработка со пејачката Кристи МекКол.

Ја нарекуваат химна на сите пијаници, пропалици и на сите оние чии соништа се одамна скршени, а пее за ирските иселеници кои во Америка стигнале со соништа и надеж за подобар живот и иднина, а кои не им се оствариле. Приказната за неуспехот во спотот ја „раскажува“ еден заљубен пар мигранти чии можности за успех им ги уништила зависноста.

Има две верзии за тоа како е настаната оваа песна. Првата е онаа на фронтменот од The Pogues, Шон МекГовен, кој тврди дека тогашниот продуцент на бендот, Елвис Костело, го предизвикал со муабетот дека не може да напиши божиќен дует кој ќе го отпее со тогашната басистка (и идна сопруга на Костело), Кеит О’Риордан.

Втората верзија доаѓа од хармоникашот Џејмс Фирнли, кој тврди дека нивниот менаџер Френ Мареј во 1985 година сакал да ја обработат песната Christmas Must Be Tonight, што на бендот не му се допаднало како идеја, па решиле да напишат своја божиќна песна.

Две години подоцна, во 1987 година, ја снимаат денес една од најпознатите божиќни песни, гореспоменатата Fairytale of New York. Првично планот бил МекГовен песната да ја отпее со О’Риордан, но тој план пропаднал бидејќи Кеит претходно го напушти бендот, откако се омажи за Костело.

На местото од Костело бендот доби нов продуцент, Стиви Лиливајт, кој бендот го запозна со својата сопруга Кристи МекКол. Таа ги сними пробните вокали за песната и го воодушеви бендот, па на крајот песната ја снимија со неа.

Името на песната го одбрале откако веќе била снимена, и тоа според новелата од авторот Џ. П. Донливи со истоимениот наслов. Видеото, кое е снимено како сон на еден бездомник, стана еднакво популарно и легендарно како и самата песна.

Оваа песна на извесен начин им овозможи мејнстрим успех на The Pogues, а се проценува дека е продадена во повеќе од 1,8 милиони примероци како сингл. Daily Mail тврди дека оваа песна годишно носи заработка од 400.000 британски фунти.