Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Вербалната политичка тензија меѓу официјални Вашингтон и Москва која ја сведочиме во нашето современо доба е предизвикана од низата напади преку таканаречени уценувачки софтвери (ренсомвер) врз организации и претпријатија во САД и други земји.
Овие сè пософистицирани сајбер напади претставуваат нов вид војување чија цел е дезорганизација, па дури и уништување на националната економија, пишува магазинот Конверсејшн.
Ова се нарекува „хибридно војување“. Тоа е мешавина на конвенционални и неконвенционални методи кои се користат против многу посилен противник и чија цел е постигнување политички цели кои не би биле можни во традиционалното војување.
Често е проблем утврдувањето на виновникот. Во хибридната војна, државата која е одговорна за акциите често ќе користи недржавни актери, што ѝ овозможува да негира одговорност. Но во текот на последните две децении, многу сајбер напади врз западните државни институции и претпријатија беа многу пософистицирани од неколку технички умешни поединци кои дејствуваат како „волци самотници“ и носеа обележја на акции преземени со поддршка или одобрување на непријателски влади.
Размерите на сајбер нападите изведени на воено ниво сигнализираат вклученост на државни актери зад кулисите кои ги организираат или поттикнуваат овие напади. Русија се појави како еден од меѓународните актери кој разви софистицирана стратегија на сајбер војување.
Значи, што знаеме за начинот на кој Русија води хибридна војна преку сајбер напади? Руската доктрина на сајбер војување го обликуваа политиколози како Александар Дугин, рускиот филозоф наречен „Путиновиот Распутин“ или „Мозокот на Путин“. Тој е професор по социологија на Московскиот државен универзитет и беше на мета на американските санкции по руското преземање на Крим во 2014.
Уште еден клучен мислител во оваа област е Игор Панарин, виш советник на Путин со докторат по психологија. Меѓу високите воени личности се Валериј Герасимов, шефот на рускиот генералштаб и автор на „Герасимовската доктрина“, која, според Карнеги фондацијата, „е цел владин концепт кој ја спојува тврдата и меката моќ во многу домени и ги надминува границите меѓу мирот и војната“.
Таквите мислители веќе долго заговараат Русија своите политички цели да ги остварува со информативна војна, а не со воена сила.
Сајбер просторот често се прикажува како да има три слоја – физички (хардвер), логички (како и каде што податоците се дистрибуираат и обработуваат) и човечки (корисниците). Со него главно управуваат приватни организации, а не државни актери. Значи, сајбер нападите се во сивата зона кога станува збор за тоа кој треба да биде одговорен за превенцијата. Исто така се поставува прашањето кој ги монтира нападите и дали станува збор за криминални потфати или зад нив стои некоја државна агенција.
Оваа забуна околу одговорноста за заштитата ѝ оди од рака на руската влада. Таа може да им наштети на противниците, без оглед колку се големи и силни, а да не почнува воена кампања.
Во последните години сајбер нападите кои ги извршија руски криминални групи имаат за цел болници, енергетски мрежи и индустриски објекти. Кремљ тврдењата за својата вмешаност ги опиша како „неосновани“. Но иако можеби не постои директна врска меѓу владата и оној кој ги врши нападите, Русија свесно им дозволува на тие групи да дејствуваат од нејзина територија.
Руските државни агенции ги понудија своите услуги во пронаоѓањето на овие криминални групи. Но ова ветување е повторувано со години и никогаш не дало резултати – тоа е нешто што боде очи во споредба со нивниот ентузијазам за борба против активистичките групи кои дејствуваат во земјата.
Многу земји ги зајакнаа напорите во развојот на стратегии за борба против сајбер криминалот. Тие иницијативи вклучуваат вежби на хибридно војување во 24 држави членки на ЕУ, симулирање оркестриран сајбер напад врз воената инфраструктура и инфраструктурата на сајбербезбедноста на Европската Унија.
ЕУ воспостави и нешто што го нарекува „хибридна фузиска ќелија“ за да им пружи стратегиска анализа на носителите на одлуки во ЕУ во обид да ги одвратат и да одговорат на сајбер нападите. Група аналитичари во рамки на Разузнавачко-аналитичкиот центар на ЕУ (ЕУ ИНТЦЕН) ги анализира разузнавачките податоци кои доаѓаат од ЕУ и разните национални институции и полициските и разузнавачки агенции во Британија и пружа проценка на ризикот за носителите на одлуките да ја обликуваат домашната политика.
И ЕУ и САД воведоа санкции против руски поединци и ентитети поради нивните наводни штетни активности насочени на сајбер инфраструктурата. Но соочувањето со таква закана од тесно дисциплинираните и ригидно хиерархиски групи кои ги спонзорира држава не е лесно.
Штом западните разузнавачки служби можат да развијат нови иницијативи за решавање на хибридните тактики, изгледа дека сајбер криминалците успеваат да развијат нови средства за напад. Значи, потребен им е еден агилен модел на управување за ефикасно да се користат јавните и приватните ресурси за сузбивање на заканите од хибридна војна.
Хибридната војна е огромна, сложена закана која не мирува, и која бара соодветен одговор доколку државите сакаат да се одбранат.
Извор: Мкд.мк