Хашкиот меѓународен кривичен суд издаде налог за апсење на Путин


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и руската комесарка за правата на децата, Марија Алексеевна Лвова-Белова, поради сомневање дека се одговорни за нелегална депортација на деца и илегално пренесување на луѓе од територијата на Украина во Руската Федерација.

Судиите на претходна постапка на МКС оценија дека постојат „оправдани причини да се верува дека и двајцата осомничени сносат одговорност за военото злосторство илегална депортација на населението и незаконско префрлање на населението од окупираните територии на Украина во Руската Федерација, на штета на украинските деца“.

Судиите размислуваа за издавање тајни налози за апсење, но заклучија дека нивното објавување може да „придонесе за спречување на понатамошни злосторства“.

Москва постојано негираше дека руските сили вршат злосторства во Украина.

Ројтерс оваа недела објави дека Меѓународниот кривичен суд (МКС) се очекува да издаде налог за апсење на Путин, за прв пат како дел од истрагата за војната во Украина.

Руската присилна депортација на украински деца на територијата под нејзина контрола е воено злосторство, изјавија вчера истражителите на ОН.

Истражната комисија на ОН за Украина објави дека постојат докази за нелегално префрлање на стотици украински деца во Русија.

Според украинската влада, бројот на насилно однесени деца во Русија е 16.221.

„Русија воведе политики како што се доделување руско државјанство и сместување на деца во згрижувачки семејства за да се создаде рамка во која некои деца би можеле трајно да останат во Русија“, се вели во извештајот.

„Хјуман рајтс воч“ го документира присилното пренесување на децата од Русија од украинските установи за згрижување деца, за што тие пријавија пред неколку дена. Според нивните податоци, само од такви институции илјадници деца биле однесени во Русија или во областите контролирани од руските сили.

Во септември, Обединетите нации дебатираа за наводите дека руските сили испратиле украински деца во Русија на посвојување како дел од пошироката програма за принудно преселување и депортација.