Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
По двомесечен молк, проговорија банките кредитори на металуршкиот гигант од Кавадарци, Фени индустри.
Нивниот последен збор е стечај за фабриката поради долг од 40 милиони евра кон Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје и Силк роуд банка АД Скопје, како и долг од дополнителни 20 милиони евра кон други доверители на „Фени“, пренесува Макфакс.
Два месеца 850 вработени од „Фени“ стравуваат за работните места кога на почетокот на септември комбинатот престана со производство, а единствената линија што работеше во фабриката ја одржува на минимум оти ако целосно ја исклучи, вработените велат дека „Фени“ ќе биде само старо железо.
Објаснувањето на Костов за Фени
Хари Костов, главен извршен директор на Комерцијална банка, вчера објасни како „Фени“ од комбинат кој заработувал 90-100 милиони евра годишно, сега е сведен на стечај. Проблемите во комбинатот и според Костов и според вработените почнале во 2015 година кога доминантен сопственик на фабриката станала ИМР („Интернешнл минерал рисорсес“).
Дотогаш сопственишвото во сооднос 50:50 го делеле со „БСГ рисорсис“ како дел од компанијата „Кунико рисорсис“. Поради несогласувања токму за сопственоста, имале судски спор во Амстердам, Холандија, каде што е регистрирана „Кунико рисорсис“. ИМР е компанија на Казаси, а БСГР ја водат израелци.
„Во 2015 година судот во Холандија донесе одлука со која Казасите станаа доминантни сопственици на Фени од 91 отсто со условена обврска да отворат сметка со 68 милиони долари. Фени требаше да има можност да повлекува средства од оваа сметка за тековното работење и за покривање на долговите доколку има потреба. Од овој износ не е повлечен ниту еден долар.
Напротив, раководството на фабриката за покривање на долговите трошело средства од резервите и од производите. Резервите се во залог кај банките и трошењето без наша согласност е кривично дело. Ниските цени на никелот што се задржаа подолг период го доведоа Фени на работ на рентабилноста и затоа што се истрошија суровините и резервите на готови производи, фабриката не можеше да ги намири долгот кон банките, долгот за струја, долгот кон превозниците, долгот за суровини“, објасни Костов.
Сметката од 68 милиони евра, која била услов за доминантен сопственик на „Фени“, и претставникот на Силк роуд банка потврди дека не била чепната иако цело време му стоела на располагање на раководството.
„Сопствениците си назначија своја управа за повлекување на средствата, која не ги побара заклучно со истекот на рокот до кој беа обврзани да ја имаат заклучно со 2016 година. Кога истече рокот, си ги повлекоа парите во целиот износ, без да вложат ниту еден долар во ’Фени’. Кога исцрпеа сè, ни кажаа ’жалиме, не можеме да ви платиме’“, објасни претставникот на банката Силк роуд.
За состојбата на Фени се огласи и вицепремиерот Анѓушев
Кога ги утврдиле проблемите на комбинатот, банките имале неколку состаноци на кои се обидувале да најдат решение. На некои од нив имало претставници и од Владата. Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, вели дека учествувале на состаноците со цел да го заштитат интересот на вработените во фабриката, на банките и на македонската економија за која, според него, пропаѓањето на „Фени“ може да биде сериозен удар.
„Разговаравме со Кунико и од таму се согласија да ја продадат фабриката за 1 долар на фирма што ќе може да ги преземе сите обврски. За продажба на фабриката одлучува раководството и тие одлучија тоа да биде бугарски Енекод“, рече вицепремиерот Анѓушев.
Иако раководството претставува дека бугарски „Енекод“ е новиот сопственик на „Фени“, банките тврдат дека таква согласност не дале и се сомневаат дека со оваа фирма може да постигнат договор за продажба.
„Во досегашните преговори со оваа фирма побаравме отплата на дел од обврските и репрограмирање со бизнис-план кој би бил доказ дека може да обезбедат дополнителни средства и доказ дека може да овозможат комбинатот да продолжи да работи. Преговорите завршија без успех.
Енекод понуди минимални плаќања, немаше бизнис-план за работњето, немаше обрт на средства. Се сомневаме дека Енекод е доволно силна за да ги преземе обврските. Јавија дека ги исплатиле платите, но тоа го направија со заем од други компании. Фирмата воопшто не е регистрирана во Централен регистар.
Според договорот за кредитирање, банките имаат право врз основа на нивна процена на новиот сопственик да му дадат согласност за продажба. Се појавија информации дека Енекод е новиот сопственик, но тоа не е точно. Информираа и дека преговараат со некои Кинези, но нема трага и од нив“, вели Костов.
Тој нагласува дека барањето за реструктурирање и репрограмирање на долгот на ’Фени’ со отворање стечај не значи стопирање на фабриката за банките да си ги наплатат долговите, туку простор да се најде силен инвеститор кој ќе може да ја преземе обврската.
Вицепремиерот Анѓушев, пак, рече, дека Енекод била само една од три фирми со кои раководството на „Фени“ преговарало за продажба. Вели дека претстои пораст на цената на фероникелот, што ја прави фабриката исплатлива и рентабилна и покрај долговите.
Претставникот на Силк роуд рече дека банките се отворени за преговори со секој што е подготвен да ги сервисира долговите и да гарантира дека нема да се затвори фабриката. Банките на ја исклучуваат можноста и за повторни преговори со Енекод, но најавија дека согласност ќе дадат ако бидат исполнети нивните услови.
Во меѓувреме изминативе две недели во „Фени“ влегле Финансиска полиција и Управата за јавни приходи, кои ги истражувале случувањата во комбинатот. За наодите, Анѓушев најави дека институциите ќе информираат на посебни прес-конференции.
„Ќе кажам само дека Фени нема дадено завршна сметка. Некој тоа го толерирал“, рече Анѓушев.
За сè што не е почитувано и за секое прекршување на законите, Анѓушев рече дека ќе бидат поведени соодветни постапки.
Раководството на фабриката е недостапно за коментар на состојбите. Со нив контакт не успеале да воспостават ниту преставниците од Владата, кои ги побарале за заедно со банките да ја престават состојбата во „Фени“.