Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
На границата меѓу Полска и Белорусија, во регионот Гродно – ескалација на конфликтот и хаос. Две поголеми групи мигранти ја пробија жичената ограда на границата, неколку десетици луѓе ја минаа границата, на што Полјаците испратија дополнително засилување.
Во видеоматеријалот, објавен од полската полиција, се слушаат предупредувачки истрели, испукани во обид да се спречат мигрантите од Азија и Блискиот Исток да се обидат да влезат во ЕУ. Соопштено е дека во последните 24 часа биле спречени 559 илегални мигранти да влезат во Полска.
„Сите овие обиди се спречени. Издадовме 48 наредби за враќање во Белорусија. Приведовме девет странци – пет Либанци, тројца Ирачани, еден сириски државјанин. Тие ќе поднесат барање за меѓународна заштита во Полска“, изјави Катражина Ждановиц, портпаролка на полската гранична стража.
Хуманитарните работници се жалат дека поради вонредната состојба во Полска не можат да влезат во погодената област. Полска ги спречува и новинарите да влезат во пограничната зона.
Некои мигранти се во Полска веќе 15 дена. Граничната служба веќе осум пати ги сослушувала, но не можеле да поднесат барање за азил, иако тоа го побарале.
Белоруските власти објавија снимка од ранети мигранти од камп на границата меѓу двете земји.
Европската Унија го обвини Минск дека им помага на мигрантите да стигнат до надворешните граници на Унијата во Полска, Литванија и Летонија како одмазда за западните санкции воведени кон Белорусија поради политичката репресија врз опозицијата.
„Се соочуваме со брутален, хибриден напад на границите на ЕУ. Белорусија ја зголемува маката на мигрантите на циничен и шокантен начин“, изјави Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.
Малиот број мигранти што успеале да останат во Полска сведочат за бруталноста на двете страни.
„Белоруската полиција нѐ фати и нѐ фрли на колена. Војникот ме удри со нога во лицето. Потоа нѐ донесоа до границата, ја пресекоа жицата и нѐ турнаа во Полска“, тврди еден од мигрантите.
Илјадници бегалци остануваат на белоруската страна на границата во зимски услови, без храна и сместување. Белорусија негира дека има улога во нивното префрлање на територијата на ЕУ, но предупредува дека дури и во случај на интервенција на нивна територија, во конфликтот би се вклучила Русија, чии авиони веќе патролираат над критичната зона.
„Таканаречените Младоевропејци, преку ЕУ и НАТО, поттикнуваат конфронтација со Белорусија и Русија. Навистина се надевам дека одговорните Европејци ќе кренат глас и нема да дозволат да бидат вовлечени во опасна спирала на насилство“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Засега Варшава ја одбива помошта понудена од Брисел, од каде што се подготвени да испратат граничари на Фронтекс. Владата на премиерот Моравјецки, која не е миленик на Унијата, тврди дека сама може да ја реши кризата.