Хакерски напад на „ЈВЅ“, најголемата светска компанија за преработка на месо – хакерите бараат откуп


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Најголемата светска компанија за преработка на месо – „JBS”, беше мета на хакерски напад кој го парализира поголемиот дел од производството во Северна Америка и Австралија.

-„JBS” во неделата го пријави нападот во американската Влада, изјави вчера портпаролката на Белата куќа.

Бразилската компанија „JBS” претходно преку својата подружница во САД потврди дека била цел на напад што ги погодил серверите на нејзините ИТ системи во Северна Америка и Австралија.

„Ќе биде потребно извесно време за тоа да се реши”, соопшти компанијата.

Владата на САД соопшти дека хакерите барале откуп. „JBS” ја извести Белата куќа дека барањето доаѓа од криминална организација, чие седиште, најверојатно, е во Русија.

Вашингтон веќе и соопштил на руската Влада дека одговорна држава не обезбедува засолниште за извршителите на вакви напади, соопшти Белата куќа.

И ФБИ е вклучен во случајот и спроведува истрага.

Петте најголеми погони за преработка на месо во САД мораа да бидат затворени поради нападот, пренесоа американските медиуми повикувајќи се на синдикатите и на вработени.

Производството, исто така, значително е намалено во Канада и Австралија.

Холдингот „J&F Investimentos”, на кој му припаѓа „JBS”, вработува повеќе од 250.000 лица и е присутен во 190 земји.

Пред неколку недели, кибер напад врз најголемиот гасовод во САД привремено го прекина снабдувањето со гориво во земјата. Притоа операторот „Колонијал” на хакерите им исплатил откуп од 4,4 милиони долари.