Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Во интервју за Гласот на Америка, гувернерката на македонската Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска, преку Скајп говореше за актуелната економска слика во земјата и кризата поради коронавирусот.
„ММФ предвидува пад од 3% на глобалната економија поради кризата со коронавирусот. Најпогодени ќе бидат развиените и земјите во развој. Дното на кризата се очекува во вториот квартал од годината“, вели Бежоска, пренесувајќи ја атмосферата од пролетните состаноци на ММФ и Светската банка кои годинава се одржуваат виртуелно поради пандемијата.
„Следната година се очекува забрзан раст од 5,7% на светско ниво. За мала и отворена економија, како македонската, која зависи од опкружувањето, се очекува пад на економската активност од 4% оваа година, но како и за светот, така и за Северна Македонија, следната година се очекува забрзан раст“, најави гувернерката и потенцираше дека денарот останува стабилен и граѓаните треба да бидат спокојни.
„Народната банка има и сет на инструменти одржување на стабилноста на денарот, а еден од факторите е високо ниво на девизни резерви што во моментов изнесува 3 милијарди евра, и е двојно повисоко од претходната глобална економска криза“, нагласи гувернерката Ангеловска-Бежоска.