Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш упати критики за алчноста на големите нафтени и гасни компании кои остваруваат рекордни заработки „врз грбот на најсиромашните“ благодарение на кризата предизвикана од војната во Украина повикувајќи ги владите да ги оданочуваат.
„Неморално е тоа што нафтените и гасните компании остваруваат рекордна заработка благодарение на оваа енергетска криза, преку грбот на најсиромашните луѓе и заедници, при што климата плаќа голема цена“, кажа Гутереш на прес-конференција по повод објавувањето на третиот извештај на ОН за меѓународните последици на руската инвазија на Украина.
„Ги повикувам владите да ги оданочат претераните заработки и да ги искористат тие пари за помош на најранливите во овие тешки времиња“, додаде оценувајќи дека најголемите нафтени и гасни компании во првото тромесечје од 2022 заработиле речиси 100 милијарди долари.
„Ги повикувам луѓето да испратат јасна порака до индустријата на фосилни горива и нејзините финансиери: таа смешна алчност ги казнува најсиромашните и најранливите уништувајќи го нашиот единствен заеднички дом, планетата“, истакна Гутереш.
По минатата анализа во јуни „влијанието на кризата на куповната моќ се чувствува подлабоко и пошироко во светот“, се истакнува во извештајот. Воедно се предупредува дека до крајот на 2022 околу 345 милиони луѓе во 82 земји би можеле да се најдат во ситуација на прехранбена несигурност, што е 47 милиони повеќе поради војната.
Во таа смисла во извештајот кој пред сè се бави со „големата енергетска криза“, се повикуваат владите да ги препознаат најранливите жители и да им овозможат „достапни“ енергенси.
За да се справат со кризата а да не ги доведат во прашање обврските околу ублажувањето на климатските промени, се повикуваат владите да преземат чекори за намалување на побарувачката за енергенси (штедење на греењето и климатизацијата, намалување на воздушниот сообраќај, обнова на зградите) и да го забрзаат развојот на обновливите извори на енергија.