Груевски сместен во вилата од Виктор Орбан


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Според информациите кои ексклузивно ги пренесе 1ТВ изминатава ноќ, добиени од нивни извори, Никола Груевски моментално престојувал во вилата од премиерот на Унгарија, Виктор Орбан. Претходно, првата вечер во Будимпешта Груевски ја поминал во хотелот „Коринтија“.

Груевски кој избега од Македонија кога требаше да замине на издржување на двегодишната казна затвор, самиот на Фејсбук објави дека се наоѓа во Унгарија, каде бара политички азил.

Унгарските служби не сакаат да коментираат додека не завршат сите постапки, со што индиректно потврдуваат дека Груевски побарал азил.

Во меѓувреме откако од МВР стаса потврда дека Груевски е во Унгарија, МВР распиша меѓународна потерница.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера изјави дека додека трае постапката за азил, Груевски не може да биде екстрадиран.