Груевски, СЈО и Михајова повторно во судница: Ново рочиште за општина Центар


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Денеска во Основниот суд Скопје 1 треба да се одржи ново рочиште од судскиот процес за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, што го отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а во кој меѓу обвинетите е и поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски.

Главната расправа по предметот се уште не е почната, а досега се одржаа две подготвителни рочишта.

Предметот го суди судијката Татјана Михајлова, која пред три дена си поднесе неотповиклива оставка на функцијата в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1.

На претходното рочиште, на 22 февруари годинава, Михајлова ги казни специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, по 2.000 евра бидејќи на рочиште ја нарекоа фалсификатор, односно ја обвинија дека направила фалсификат со записникот од претходното рочиште.

Јанева и Фетаи до Основниот суд Скопје 1 поднесоа жалби за паричните казни од Михајлова, а Јанева најави и кривична пријава против судијката, поради записникот.

Судијката Михајлова, пак, поднесе претставка до Советот на јавни обвинители. Претседателот на Советот, Петар Аневски, вчера изјави дека на состанок Советот донел заклучок дека Јанева и Фетаи го прекршиле етичкиот кодекс на јавните обвинители и побара СЈО да назначи нов обвинител за настаните пред Општина Центар, во јавноста познат и како Шамари.

На рочиштето што се одржа на 16 декември минатата година, судијката Михајлова донесе решение со кое забрани дел од бомбите и заштитен сведок да бидат користени како докази во судскиот процес. СЈО го обжали решението до Апелацискиот суд, кој се уште нема донесено одлука по жалбата.