Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
„Ме информираа дека овие неспособни дембели и измамници од власта (зборот дембел содржи неколку карактерни особини) дека еден нов нивни неуспех и една голема финасиска загуба на државата, буџетот и народот со плаќање на оштета од 20 милиони евра на Хеленик Петролеум за ОКТА се обидуваат да ми ја префрлат мене.
Па ме напаѓале дека грешката била кај владата која ја предводев бидејќи кога договорот со ОКТА паднал на уставен суд, ние веднаш сме ја спровеле одлуката на уставниот суд и сме го раскинале истиот, а требало да не ја спроведуваме уште една година и така сега немало да се платат тие 20 милиони евра (инаку јас сум сигурен дека многу повеќе од 20 бидејки не кажуваат колку се адвокатските трошоци).
Слушам и се чудам какви измамници и неспособни луѓе ја водат земјата и глумат некакви величини во општеството.
Настрана што неспроведување на одлука на уставен суд повлекува кривична одговорност, туку ајваниве немаат појма дека сами себе се напаѓаат, бидејќи тоа за кое говорат се случило пред јас да станам премиер, односно додека на власт е СДСМ со нивна влада. Тогаш уставниот суд донел одлука и тогаш тие ја спровеле без да одлагаат една година.
Да потсетам дека едно време пред десетина години приватизацијата на ОКТА сакаа да ја стават на мoj грб бидејќи во таа 1999 година бев министер за трговија, па освен што брзо се виде дека не сум потписник на тој договор, ниту на еден негов анекс, им извадив записник од седница на владата кога се донела одлука за продажба на ОКТА од кој се гледа дека на таа седница не сум бил присутен (бев на службен пат во странство), а точката на дневен ред се ставила без воопшто да помине на било кое владино тело или комисија, како итна, и никој од тогаш присутните министри немал време ни 1% да прочита од содржината на тој договор. Да потсетам дека купопродажниот договор во собрание беше изгласан во форма на „ЗАКОН“ на иницијатива на тогашниот премиер. Јас воопшто не бев вклучен во преговорите и подготовката на тој договор и подолго време потоа немав пристап до истиот.
Со статусот на “Закон” договорот стана обврзувачки за следните 20 година, а до тогаш беше невообичаено да се изгласа во парламентот во форма на закон договор за продавање на правно лице каде што се применува Законот за трговија на Швајцарија од 1999 година, како што беше не соодветно дека со тој закон е направена нарачка на 500.000 тони мазут годишно, бидејки максималните количини кои на Македонија и беа потребно не беа повеќе од 250.000 тони годишно.
Паметам само како по седницата на влада мојата заменичка тогаш делегирана од партијата ДА – Татјана Митрова, со која имав одлична соработка телефонски ме информираше дека ненајавено ставиле на седница на влада обемен договор за продажба на ОКТА кој набрзина поминал и не стигнала ни две страни да прочита од неколкуте стотици страни додека сите присутни на невидено и со доверба дека сè е во ред го изгласале. Потоа службите веднаш ги собрале сите примероци поделени на министрите, по што сето тоа за неколку дена се најде на седница на парламентот каде лично го бранеше тогашниот премиер.
Знаејќи го тоа, а несакајки да се конфронтираат со тогашниот премиер бидејќи сега им е коалиционен партнер, овие од власта сега се обидуваат да протнат дека во државен интерес било да не сум спровел некоја одлука на уставен суд, а појма немаат дека токму нивната влада била на власт кога тоа се случувало.
А кога веќе ја отворија таа тема, ќе објавам и за уште една огромна штета што оваа власт ја направи во врака со ОКТА кога во 2017 година.
Сега ќе прочитате нешто што досега не е објавено и потоа да се запрашаме кој ќе одговара за тоа, ако воопшто обвинителството добие дозвола да го истражува тоа.
Со тоа што се направи во 2017 година од новата власт, наместо Македонија да добие отштета од грчката компанија, од најмалку 150 милиони евра, плус трошоците за ремедијација на земјиштето околу Окта, сега уште плаќа тешки милиони и допрва ќе плаќа.
Имено, во 2016 година тогашната влада започна една многу голема, тајна и многу корисна за Македонија финансиско комерцијална операција, со која наместо да плаќаме штети за ОКТА, нам Хеленик ќе ни плаќаше штети, но новата власт на СДСМ веднаш ја прекина операцијата, а резултатот го гледаме денес. И во иднина ќе го гледаме.
Операцијата се состоеше во тоа штo Владата која јас ја предводев ангажира домашни и странски правници и консултанти со цел да најдат начин како наместо да плаќаме на фирмата од Грција, на Македонија да и биде плаќано.
На чело на експертскиот тим беше поранешен арбитражен судија од Париз, тогаш веќе во својство на адвокат, целта беше да се најде начин државата да се ослободи од обврските креирани и прифатени во овој договор кој меѓународната кризна група го нарече „коруптивен договор”.
Тогаш беа испитани сите аспекти од договорот и се најде решение.
Последната односно најлошата варијанта, нешто што не смееше да се случи беше повторно да се оди на арбитража во Париз, бидејќи беше јасно дека државата ќе загуби пред истиот суд.
Едно од најпроблематичните делови во договорот е обврската да се купуваат 500.000 тони мазут годишно.
Тимот обезбеди гаранција за правење нарачки за тековната 2016 година и за сите години од 2011 година до 2016 година, така што Македонија купуваше нешто за што однапред имаше обезбедено каде да го продаде, иако знаевме дека Хеленик немаше да може да го испорача мазутот бидејќи веќе 5 години рафинеријата ОКТА не работеше а тој тип на мазут со тие микро карактеристики/спецификација предвидена во договорот, можеше да се произведе само во таа рафинерија.
Зошто се одлучивме на тој чекор!?
Прво, рафинеријата ОКТА никогаш немала капацитет да направи 500.000 тони мазут!
Второ, како што пишав мазутот со спецификацијата пропишана во договорот може да се произведува само во рафинеријата во Скопје и
Трето и најважно, ОКТА не работи од 2011 година, а ги продале и филтрите и други вредни делови од рафинеријата, со што и да сакаа не можеа да ја стават во функција.
За таа цел, Владата и меѓународниот тим подготвија предлог закон (треба да влезе во закон бидејќи целата зделка претходно е договорена со закон), со кој ќе се направеше нарачка за сите количини за пет години 2,5 милиони тони мазут.
Овој закон и целата процедура беа готови до септември 2016 година кога веќе заради изборниот период не беше можно да се оди на парламентот и затоа, се подготвено со филигрантска прецизност од најдоброи експерти во светот во областа, го оставивме на располагање на новата влада на 31 Мај 2017 година.
Наместо новата власт да го започне процесот и државата да се ослободи од обврските кои предвидуваа државата да плаќа за штети по овој договор, таа одлучи да оди на арбитража, каде што тогаш веќе беше јасно дека има 99% шанси да го загуби спорот што и се случи.
Со одлука на генералниот секретар на Владата беа разрешени адвокатите и консултантите кои го сочинуваа тимот на големата операција.
Дали е тоа намерно направено или од некоја друга причина е работа на потенцијална истрага но нема одговор на прашањето зошто кога целиот план, процедура и закон кој беше одамна изработен за расчистување на штетен договор се прекина.
Според информациите до кои дојде нашиот истражувачки тим и за кој ме информираа Хеленик Петролеум е приватна компанија каде најголемиот дел од акциите преку неколку офшор компании наводно се во сопственост на еден човек по име Спирос Лацис.
Доколку се спроведеа процедурите, владата ќе и ги вратеше и рафинеријата и нафтоводот во сопственост на државата и немаше да се плаќаат штети, напротив тие ќе плаќаа штети за неспроведување на договорот. И ќе имавме многу по слободен и поконкурентен пазар на нафта и нафтени деривати.
И уште нешто многу важно.
Покрај оваа голема штета со ОКТА, според моето мислење но и мислење на неколку експерти со кои сме разговарале сега ни спремаат втора штета со тоа што нафтоводот Солун – Скопје ќе стане продуктовод. Тоа за некого нема значење ама за Хеленик Петролеум и за Република Македонија ќе има големо значење.
Имено, можете да замислите како ќе беше ако денес во оваа енергетска криза имавме функционална рафинерија за преработка на сурова нафта во готови нафтени производи.
Тоа што ОКТА не работи е огромна загуба за државата, најпрофитабилни вакви компании во светот се оние што се внатрешноста.
Хеленик Петролеум не инвестираше ништо во рафинеријата, само презема монопол, кој доколку гасоводот стане продуктовод по кој ќе се пренесува преработена нафта од Хеленик Петролеум.
Покрај ова околу 2.200 транспортери во Македонија кои досега работат транспорт на нафта ќе останат без работа, а тоа се 2.200 семејства, бидејќи транспортот со камиони ќе биде поскап од транспортот со продуктовод.
Да прашам која конкурентска нафтена компанија може да увезе нафта освен ОКТА со продуктоводот и дали ќе биде поефтина од нафтата што се носи преку продуктоводната линија? Такво нешто нема да се случи!
Дали тоа значи дека ќе биде уништена и конкуренцијата во Македонија, бидејќи никој нема да може да конкурира на транспортната цена на продуктоводот кој го поседува само една компанија.
Да ги прашаме надлежните, дали се свесни дека ОКТА официјално не работи и за евентуално пак да работи треба поправки кои би чинеле најмалку околу 80 милиони евра?
За крај да прашам кој преговараше со Хеленик Петролеум и ОКТА за да се блокира процесот кој го изработивме во 2016 и целосно подготвен го оставивме на новата влада која го блокира процесот пред да го започне?
За оваа штета треба некој да одговара, независно дали е направен од аматеризам или коруптивни мотиви. Власта има огромен потенцијал за сомнеж за двете.
Со овој договор и со чекорите што ги превзема оваа власт предводена од СДСМ штетата од договорот со продажбата на ОКТА не е 20 или 40 милиони евра, граѓаните ќе го платат целиот 20-годишен монопол, а сегашните неспособни ќе плаќаат и за следните 20 години, па штета да достигне и до една милијарда евра.
Иако немам информации, сега може да се случи грчката компанија да понуди на Македонија, да не им ја плаќа оваа штета, а за возврат да ги добие акциите на државата во нафтоводот и да не плаќа ремедијација на земјиштето, па со тоа да може официјално да ја затвори ОКТА.
Ќе им остане пазар на кој друг никој нема да може да им конкурира заради транспортниот трошок и уште побарувања за милионски штети.“