Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Денеска во Кривичниот суд треба да продолжу судскиот процес против лидерот на ВМРО ДПМНЕ и неколкумина други функционери на некогашната владејачка партија, за нарачаното насилство врз градоначалникот на Центар Андреј Жерновски во 2013 година.
Минатото рочиште во јуни беше одложено бидејќи списите на предметот се во Апелациониот суд, откако СЈО поднесе жалба на казните од по 2 илјади евра за обвинителките Катица Јанева и Фатиме Фетаи за непочитување на судот и судијката Михајлова.
Од Апелација потоа го препратиле во Врховниот суд поради судир на надлежности за тоа кој треба да одлучи по жалбите на специјалните обвинителки, Кривичниот или Апелацискиот суд.
На минатото рочиште се појавија првообвинетите Никола Груевски и Миле Јанакиески и Даниела Рангелова, како и оштетените во овој случај.
Насилствата во општина Центар се случија во 2013 година кога група граѓани се собраа пред општината за да ја „одбранат“ изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“. За овој случај беа објавени и прислушувани разговори во кои се слушаше како тогашниот премиер Груевски, нарачува шамари за градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски.
За случајот со нарачаните шлаканици, СЈО поднесе обвинителен предлог на 15 септември минатата година.
Во меѓувреме, Апелација донесе одлука да ја уважи жалбата на Специјалното јавното обвинителство и прифати „бомбите“ што ги објавуваше опозицијата да можат да бидат доказен материјал за предметот поврзан со насилството во општина Центар.
Основниот суд Скопје 1 ги отфрли во декември 2016 година.
Во „бомбите“ што ги објавуваше премиерот Зоран Заев, како лидер на опозицијата, објавен беше разговор во кој тогашниот премиер Никола Груевски нарачува некој да му „врзе три-четири шамари“ на градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.