Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
И покрај барањата на опозицијата од редовите на Албанците, ДУИ смета дека нема потреба да се свика заедничка средба на партиите на Албанците пред референдумот. Од партијата на Ахмети оценуваат дека Договорот со Грција не му наштетил на идентитетот на Албанците во Македонија, туку го направил спротивното, пишува порталот Магазин.мк.
Артан Груби во изјава за Алсат ги повика сите партии на Албанците да се фокусираат на успешноста на референдумот, и како што вели тој, да се остават настрана дневните политики. Според него, единствената можна средба помеѓу партиите ќе била од информативен карактер, а не од која би произлегле барања за уставни измени или промена на Договорот со Грција.
„Оваа тема веќе е дискутирана, веќе е консумирана бидејќи сите ние сме за НАТО и ЕУ. Ќе се сретнеме меѓу себе за да потврдиме дека сме за НАТО и ЕУ. Според моја проценка, моментално нема потреба, бидејќи оваа е определба на гласачите и граѓаните Албанци и нема што да калкулираме со желбата на гласачите Албанци во Република Македонија. Тие сакаат да го поддржат референдумот, сакаат интеграција во НАТО и во ЕУ, затоа не гледаме простор за одржување на дневни политики во врска со толку големо прашање како што е ова“, рече Груби.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села освен за Договорот со Грција, бара средба со сите лидери на парламентарните партии, со цел постигнување на нов албанско – македонски договор. Тој вчера најави дека ако референдумот добие поддршка од граѓаните, во постапката за уставна промена на името, Алијансата ќе предложи Албанците и албанскиот јазик да се признаат како службени во Македонија.
„Ние не бевме дел од составувањето на овој договор. Претставниците Албанци кои беа дел од составување на договорот, не требаше да бидат само кукли во договорот. На владата и на општеството тука во Македонија и недостига уште еден договор кој е многу поважен од другите договори, а тоа е внатрешниот договор помеѓу двете најголеми заедници во Македонија, Албанците и Македонците“, рече Зијадин Села- лидер на Алијанса за Албанците.
Движењето Беса на Касами изјави дека средбата на лидерите Албанци требаше да се свика пред потпишување на договорот помеѓу Македонија и Грција, за дискутирање на можните последици врз албанскиот идентитет од тој договор. И Беса на Африм Гаши не ја негираа потребата за средба во ваков состав, но оценува дека поважен е позитивниот резултат на референдумот, поради што и ја напуштиле опозицијата.
Заедничката декларација на политичките партии на Албанците потпишана веднаш по парламентарните избори предвидува постигнување целосна рамноправност согласно Охридскиот договор, поддршка на непристрасна работа на СЈО, постигнување на економска рамноправност и други точки, кои се нереализирани до сега. Заедничките средби на политичките партии на Албанците е предвидена да функционира според правилото на ротација, но и по неколку важни државни одлуки, не се свикува од ниту една партија учесничка.
Извор: Магазин