Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Пак го прават тоа, дури и додека траат разговорите за решавање на „кризата со името“ на Македонија, вели Мејк Пирс, професор по историја на колеџот Хоутон во Њујорк реагирајќи на напис на ВВС за неделните протести во Атина.
„Многу Грци се противат земјата со исто име да се нарекува себеси Македонија, велејќи дека тоа подразбира полагање право на територии од грчкиот регион на северна Македонија“.
Написот е точен: тоа е токму она што националистичкото јадро во Грција го зборува со децении. Поради тоа, Грција стави вето на македонското членство во ЕУ и во НАТО – политика поради која, со оглед на тоа што земјата нема крајбрежје, речиси ѝ оневозможува да тргува.
Но ајде да видиме како навистина стојат работите: една осиромашена земја (БДП од 5.286 долари по жител) со само 2 милиони жители, политички нестабилна и етнички поделена… наводно има претензии кон северна Грција и некој вид план да ги оствари? Стварно?… Против земјата јужно од себе, која, и покрај сопствената економска криза што самата си ја предизвика, има БДП по жител од 17.806 долари, население од 11,2 милиони – и е членка на НАТО?
Наводно заканувачкиот сосед – кој, се разбира, никогаш не праќал никакви закани – има армија од само 8.000, плус 16.000 резервисти. Грција има вистинска воена сила од 113.000.
Значи… во каков тоа тип замислено сценарио земјата Македонија претставува закана за северна Грција / јужна Македонија?
Одговорот? ОВА е заканата што Македонија навистина ја претставува за Грција: нејзиното избрано име е потсетник на крвавите и бесрамни настани од почетокот на 20 век – настани со трајни последици, на кои модерните Грци порадо не би сакале да се потсетуваат. Како што сите знаеме од лично искуство, потиснувањето на непријатните спомени може да генерира лутина кога тие спомени од која било причина ќе избијат на површина.
Кои беа тие настани?
1) Крвавите етнички протерувања од Балканските војни од 1912-1913 – на пример, во Кукуш / Килкис, чие цело население, кое било словенско, било изгонето од грчката војска во 1913 година.
2) Увозот на 1,4 милиони Грци (или, во многу случаи, христијани што зборувале турски) од Турција во 1922-23 година, од кои големо мнозинство биле преселени во јужна Македонија / северна Грција, за да ги заменат Словените и другите што биле протерани. (Повеќе од третина милион Турци – или, во многу случаи, муслимани што зборувале грчки – биле протерани во Турција во истиот период.)
3) Собирање и протерување на преостанатите Словени за време на грчката граѓанска војна од 1946-49.
Најмалку 40 отсто од демонстрантите што пред неколку недели го истурија својот огорчен, патриотски гнев во Солун се внуци на дојденците од Турција во 1920-тите – и тие го знаат тоа. (Со оглед на тоа што тие дојденци сочинувале 40% од населението на грчката Македонија во 1920-тите, и со оглед на мешаните бракови од тогаш досега, вистинските пропорции сега ќе биле повеќе од 80%.)
Ајде сега да го видиме „Зорба“
На последните демонстрации во Атина, 92-годишниот композитор на „Гркот Зорба“, Микис Теодоракис, „рече дека соседната северна држава е ‘нелегитимна’“.
Овој забавувач-претворен-во-политичар (да: ние во Америка сме виновни за иста таква слабоумност), кој во 2003 година ги опиша Американците како „одвратни, безмилосни кукавици и убијци на луѓето во светот“, а во 2011 година инсистираше дека „американските Евреи се одговорни за светската економска криза, која ја погоди и Грција“ (со тоа суптилно правдајќи ги клептократските навики на својата сопствена земја)… овој човек, велам, тврди дека државата на север од него е „нелегитимна“.
Тоа е прилично страшно. Единствената алтернатива да се биде „нелегитимен“ како земја е да се биде апсорбиран од страна на некој кого демагогот го смета за „легитимен“. Дали тоа, по некоја случајност… би била Грција? Или Србија? Или Бугарија? Или Албанија? Или некој вид делба меѓу сите нив? Која опција и да ја изберете, подгответе се за крвопролевање покрај кое Босна 1992-1995 ќе изгледа како пикник.
Во секој случај, бидете сигурни во едно: тие се противат на самото постоење на земјата.
„Господинот Теодоракис ја повика толпата цврсто да се држи за прифатливо решение за спорот со ‘Скопјаните’, како што го нарече северниот сосед“.
Ниту Теодоракис, ниту многу други Грци некогаш ќе ја нарекуваат државата северно од нив „Македонија“.
Вообичаените изрази се Зорбиното „Скопјани“ или „Република Скопје“. Или тоа или, најчесто, ФИРОМ. Јас ги терав моите македонски пријатели да возвратат: „Република Атина“, можеби, или ФОПЕАСМИИ (Поранешни Османлиски Провинции Епир, Ахаја, јужна Македонија и Јонските Острови, Former Ottoman Provinces of Epirus, Achaia, southern Macedonia and the Ionian Islands), кои достоинствено и елегантно би ги краселе меѓународните договори на Грција.
Значи, ако поентата е дека државата Македонија е само околу 40 отсто од историската Македонија (самата Грција има околу 50 отсто, а во Бугарија е преостанатиот ќош), тоа може да биде сосема фер. Грците можеби би сакале да инсистираат да се кажува „северна Македонија“, или нешто такво.
Но тие всушност сакаат таа воопшто да не се нарекува „Македонија“.
Навистина, како што јави Би-би-си, „Грчката православна црква ја поддржува кампањата да се спречи Македонија да користи ‘каква било варијанта’ на името.“
(Сакаат да кажат… Исус има став за ова? А ако нема – а, верувајте ми, нема – тие треба да престанат да ја злоупотребуваат својата духовна власт за нешта што немаат никаква врска со неа.)
Името „Македонија“, тврдат, може да ѝ припаѓа само на држава што е грчка; Македонија била грчка држава во времето на Александар Велики.
Е па, Британија била келтска земја во истиот период: кој назив треба англиските говорители да го додадат во името?
И покрај ваквите аргументи, „Македонија“ (како и „Британија”) е ГЕОГРАФСКО име – не етничко. (Погледнете ги мапите на задните страници на вашите Библии.) Во ниедна точка од изминатите 2.300 години оваа територија не била нарекувана Македонија. Сепак, во 1.500 од тие години, Словените се меѓу нејзините главни жители. (Да не зборуваме за Турците, Албанците, Циганите, Власите…). Не ли имаат сите тие жители право да се нарекуваат „Македонци“?
Ако еден бел Британец во (да речеме) Лондон каже дека неговиот црн сосед чии баба и дедо дошле во 1950-тите може да се смета за „Британец“ (по државјанство), но никогаш не може да се смета за „Англичанец“, бидејќи тоа е етничка категорија, мислам дека повеќето луѓе ќе го сметаат за латентен расист. Ако како резултат на тоа неговиот потомок сѐ уште го има истиот став по 1.500 години!!
Во секој случај, македонската ситуација е уште посмешна од споредбата што ја направив. Ако ООН или некое такво тело предложеше ДНК-тестови на 5.000 северни Грци по нивен сопствен избор, ќе имаше гневен – не, насилен – отпор од Атина и од националистичките демонстранти. Бидејќи во ситуацијава има многу повеќе потиснати факти од овие што ги кажав јас. Постои причина зошто некои грчки топоними завршуваат во словенската наставка „-ица“ (на пример, Игуменица). Како што забележува историчарот Ричард Флечер, „Да се докажува словенската етничка припадност на жителите на модерна Грција на вечера во една атинска трпезарија сè уште е непромислено“. Северно и јужно од границата, етничката припадност на секој поединец е дива мешавина и така е со векови. Едноставно, етничката мешавина во Македонија се наоѓа „на површината“, така да кажеме, на мошне разновидните начини на кои луѓето зборувале, се молеле и слично, сè до денес – наместо да лежат закопани во човечките гени, како кај површински похомогените региони, како на пример Ахаја.
Грција нема монопол на лагата
Како што пишува во написот на Би-би-си, „Македонија тврди дека трагите на нејзиниот народ водат до античкото кралство Македон, некогаш управувано од Александар Велики, и дека според тоа името ‘Македонија’ е логична опција“.
Ова е исто толку очигледна глупост како и сите грчки ставови. Словените се појавиле во 6 век – крај на приказната. Сегашната држава Македонија го има истото право да бара „континуитет“ со Александар Велики колку и модерните Американци со достигнувањата на претколумбиските Сијукси и Навахо – т.е. никакво. Единствениот можен начин да се оправда таквиот аргумент е да се признае дека низ вените на денешните Словени тече грчка крв исто колку што во вените на Грците јужно од границата тече словенска крв. Но знаете… македонските националисти не мислат така…
Македонскиот беше прогласен за јазик дури во 1945 година – од тој голем лингвистички научник (се зезам) Маршалот Тито. Тоа беше неговиот начин на инсистирање дека словенските жители во регионот НЕ СЕ Бугари – за што тие главно се сметаа сè до тој момент. (Да, можам да ви дадам планини од докази, но поентата е историски очигледна.) Тито не сакаше Бугарија да полага ново право на земјата. Ниту сакаше да каже дека тамошните православни етнички Словени се „навистина Срби“. Значи тие мора да се нешто сосема посебно – и локалците оттогаш се трудат да ја зголемат лингвистичката дистанца меѓу себе и Бугарија.
Значи, дали македонските Словени се „во суштина“ Бугари? Или „во суштина“ Срби? Ни едното, ни другото, и и двете. ЦЕЛИОТ јужнословенски говор е континуирана мрежа на дијалекти од Црно Море до северен Јадран: бугарскиот се меша со македонскиот, кој се меша со српскиот, кој се меша со хрватскиот, кој се меша со словенечкиот јазик. Секое цртање граници е вештачко – политичко. „Јазикот е дијалект со војска“. Ниту еден од нив воопшто не е „вистински“, освен во очигледното чувство дека употребата го прави таков. Истото тоа важи и за англискиот или – што е уште поважно тука – за грчкиот. Идејата за „чист“ јазик е исто толку апсурдна како онаа за „чистата крв“.
Резиме (да: речиси сме на крај)
Овој гротескен аргумент вештачки ја изобличи Македонија, ја дестабилизира нејзината политика и го осиромашуваше населението уште од распадот на Југославија. А без ниедна добра причина.
Грција го искористи своето вето за да ја држи Македонија изолирана и надвор од НАТО (значи: без никаква одбрана) и од ЕУ (значи: без бесцаринска трговија). За една земја како Грција, која далекусежно го надмина својот јавен дефицит фалсификувајќи ги бројките, потпирајќи се на тоа дека Франција и Германија ќе го одржуваат еврото, а потоа во 2010-11 година ќе ѝ биде дадена финансиска помош од 240 милијарди евра, постојаното вакво однесување може да се сфати како претерување.
И покрај заблудите и несоодветното однесување на самата Македонија, ова мора да престане. Партнерите на Грција (читај: вистинските спонзори) во Брисел треба да извршат притисок кон таа цел.
Мејк Пирс е професор по историја на колеџот Хотон во Њујорк и директор на универзитетската програма Истокот се среќава со Западот
Извор: Мкд.мк