Грција, Германија и Перу – дестинации на последната претседателска турнеја на Обама


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Барак Обама замина за Грција на неговата проштална турнеја како претседател на САД при што ќе ги посети и Германија и Перу. Притоа тој, како што изјави, ќе ги увери сојузниците дека новоизбраниот претседател Доналд Трамп планира да ги одржи клучните стратегиски односи во целиот свет, меѓу кои и со НАТО.

Обама, говорејќи пред шестдневното патување изјави дека една од најважните работи што може да ги направи за време на неговата турнеја е да ги увери американските сојузници, кои можеби се загрижени одизборната победа на Доналд Трамп.

Тој ги искритикува сојузниците во НАТО за време на кампањата дека недоволно плаќаат за нивната сопствена одбрана. Трамп, исто така, изјави дека САД не можат да го финансираат НАТО на сегашното ниво.

Само САД и четири други сојузници во НАТО, Грција, Британија, Естонија и Полска, ги исполнија своите финансиски обврски спрема НАТО во минатата година.

И покрај критиките за трошењето за НАТО, Обама изјави дека новоизбраниот претседател, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, посочил оти тој се залага за одржување на врските со американските сојузници.

Влијанието што го имаме не е резултат само од работата на претседателот, тоа е разултат од безброј акции што не прави нас неопходна земја кога треба да се одржува поредокот и да се промовира просперитет во светот. Тоа ќе продолжи. Во мојот разговор со новоизбраниот претседател тој изрази голем интерес во зачувувањето на нашите стратегиски односи.

Обама за време на неговата последна турнеја во странство како американски претседател се очекува да се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел и со други лидери во Германија и Грција.

Во Перу тој ќе учествува на самитот на земјите од Пацификот на кој ќе има средба и со кинескиот претседател Кси Џинпинг.

Турнеата на Обама требаше да биде порелаксирана, но сега тој, како што оценуваат посматрачите, ќе мора да ја искористи за да ги смирува светските лидери по ненадејниот резултат на претседателските избори.

Оваа победа покрена низа нејаснотии дома и во странство за иднината на американското лидерство во светот.

Шестдневното патување на Обама беше планирано кога се чинеше дека демократскиот кандидат Хилари Клинтон ќе победи на изборите и беше дизајнирано како потврда дека САД и покрај тешката и отровна претседателска кампања сепак остануваат на старите позиции.

Сега тој, како што се наведува, има незавидна задача да им кажува на неговите колеги и да им објаснува што европејците можат да очекуваат од таканаречениот Трамп ефект.

Поголемиот дел од светските лидери учтиво и со претпазливост му честитаа на Трамп за неговата победа на изборите.

Од друга страна, неговото мото Најпрвин Америка беше поздравено од националистите и скпетиците на глобализацијата кои на Трамп гледаат како на сродна душа. Трамп самиот се нарече себе си Мистер Брегзит отако Британија гласаше за излез од Европската унија.