Грижата за семејното здравје поважна од било кога


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Како човечки суштества нашето здравје и здравјето на тие што ги сакаме е наша секојдневна грижа. Без разлика на возраста, полот, етничката припадност или социоекономскиот статус, најважно нешто што поседуваме е здравјето. Секој од нас е подготвен да направи многу отстапки кои би ни гарантирале нам и на нашите семејства подолг и поздрав живот. Деновиве, кога сме соочени со опасноста од корона-вирусот овие реченици како да имаат поголемо значење. Многумина од нас станаа по свесни за значењето на грижата за сопственото здравје и здравјето на своите најблиски и колку многу всушност можеме да направиме за да останеме здрави.

Здравјето на семејството е поврзано со специфични периоди, на пример бременост, доење, детство, адолесценција, возрасно доба и зрело доба, како и со односи меѓу членовите на семејството. Секоја возраст има специфични здравствени проблеми за кои превенцијата и другите здравствени услуги играат голема улога. Ниту една популациска група не може да се изолира од другите. Истите овие аспекти се важни во време на пандемијата предизвикана од КОВИД-19.

Бремени-Од досега објавените докази се чини дека помал е бројот на трудници што се позитивни или болни од КОВИД-19 во споредба со останатите жени на таа возраст. Меѓутоа, трудниците не се изолирани од можноста да се разболат. Затоа, важно е останатите членови во семејството да ги извршуваат активностите надвор од домот како пазарење и сл. Доколку бремената жена се разболе и се лекува во домашни услови, потребно е да се изолира. Потребно е некој од останатите членови на семејството да се грижи за сите потреби на трудницата, притоа внимавајќи на својата заштита. Се претпоставува дека не постои пренесување на вирусот од мајката на плодот.Доењето е безбедно дури и ако мајката е болна. Вирусот не е пронајден во мајчиното млеко кај болните мајки.

Деца-Малите деца и децата од школска возраст се по отпорни на корона- вирусот. Сѐ уште е нејасен фактот зошто децата се помалку подложни на овој вирус, но се смета дека тие се преносители на вирусот. Затоа, важно е да им се објасни на децата дека хигиената во овој период е најважна. Родителите се одговорни за контролата на хигиенските навики кај нивните деца.  Исто така, важен е искрениот развор со цел децата подобро да ја разберат ситуацијата.

Адолесценти-Грижата за здравјето на адолесцените е веројатно најтешкиот предизвик и во однос на општата грижа и во онос на актуелниот корона-вирус. Тешки се за контролирање, уште потешки за самодисциплинирање. До неодамна се веруваше дека се  “недопирливи” и дека не постои опасност од смртност кај оваа возрасна група. Така, забележани беа непочитувања на препораките за самизолација и социјална дистанца во сите земји во светот. Светската здравствена организација мораше да спроведе кампања со статистики за смртност и кај оваа старосна група со цел да ја подигне свеста на адолесцентите. Што да се направи? Иако тинејџерот се чувствува несигурен, тој бара независност и одговорност за сопствената добросостојба. Сепак, родителите се тие кои треба да се грижат за здравјето на детето се додека тоа не стане возрасна личност.  Затоа, родителите треба да преземат по строги мерки за изолација на нивните деца. Ако е потребно, да побараат стручна помош.

Стари лица- Во периодот на стареење организмот постепено ја губи својата биолошка продуктивност дефинирана како: (1) тешкотии во адапција кон животната средина, (2) ограничени регенеративни способности, (3) склоност кон болести и синдроми, за разлика од помладите. Затоа, старите луѓе се најранливата категорија зафатена од корона- вирусот. Статистиките покажуваат дека најголем процент на смртноста ја чинат стари лица над 65 години. За жал, немаме контрола над ризикот во однос на возраста, меѓутоа,  можеме многу да направиме за да ги заштитиме постарите лица. Ова е посебно важно за мултигенерациски семејства кои треба да преземат посебни мерки за заштита како неуптребување на заеднички прибори за хигиена и  храна и доколку е возможно изолирање во посебни простории.

Сите се согласуваме дека во овие околности важно е државите и здравствените системи да ги земат  предвид здравствените потреби на сите возрасни групи во семејството. Меѓутоа, уште е поважно семејствата совесно да ги почитуваат препорачаните мерки за хигиена и социјална дистанца. И да не заборавиме,  како граѓани имаме должност да се грижиме за сопственото здравје и здравјето на своите најблиски.

                                                                                        Проф. д-р Македонка Радуловиќ

                                                                      Институт за семејни студии, Филозофски факултет