Грчките служби сè уште трагаат по 56 патници од патничкиот воз кој беше дел од железничката несреќа


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


56 лица и натаму се водат како исчезнати по тешката железничка несреќа во Грција, во која, според последните потврдени информации, загинаа 57 луѓе, главно млади. Спасувачката операција се одвива во тешки услови, а напорите сега се фокусирани на третиот вагон од патничкиот воз, кој е речиси целосно превртен, пренесува СДК.

Обвинителот од Врховниот суд Исидорос Догијакос му нареди на обвинителството на Лариса да ја прошири истрагата во сите насоки, со цел да се идентификуваат сите оние кои се одговорни за најсмртоносната железничка несреќа во историјата на Грција.

„Кои и да се, од каде и да се, на кого и да му припаѓаат, кого и да претставуваат. Истрагата мора да се фокусира и на грешките во безбедносните системи и на погрешните кадровски решенија“, кажа Догијакос.

Досега е уапсен само 59-годишниот управник на железничката станица во Лариса, кој вчера се појави во суд и беше формално обвинет за опасно попречување на сообраќајот, но се очекува да се соочи и со други обвиненија. Грчката телевизија „Стар“ објави дека тој знаел на која пруга се наоѓа товарниот воз 17 минути пред директно да се судри со патничкиот воз, за што бил информиран од шефот на станицата во Неои Порој. Грчките медиуми велат дека разговорот бил снимен.

Илјадници луѓе и вчера протестираа во Атина, порачувајќи пред парламентот и седиштето на Грчки железници дека „ова злосторство не смее да се заборави“. Премиерот Кирјакос Мицотакис призна дека железничката мрежа во земјата е обремената со проблеми и дека напорите за нејзиниот ремонт пропаднале.