Граѓаните на Скопје за една грејна сезона трошат дрва колку што има цело Водно


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


За само една грејна сезона скопјани трошат над 317 илјади тони огревно дрво. За да ви биде појасно колку е тоа, овие бројки значат дека за загревање на Скопје за само една грејна сезона се сечат дрвја кои опфаќаат површина колку цело Водно. Греењето на дрва е најголемиот загадувач на воздухот во Скопската котлина.

Во јануари 2017 година, УНДП во соработка со град Скопје и со Министерството за животна средина и просторно планирање спроведе теренско истражување за начините на греење на домаќинствата, на репрезентативен примерок од 5.044 домаќинства од целиот скопски регион (сите 17 општини), пренесува Мкд.мк.

Греењето е најголемиот загадувач на воздухот во Скопската котлина, и тоа загревањето на домаќинствата во најголем дел. Ваквите наоди се потврдуваат и во студијата изработена од страна на Финскиот метеоролошки институт во рамките на твининг проектот со Министерството за животна средина каде е пресметано дека дури 90% од вкупните емисии на ПM честичките доаѓаат од загревањето (огревно дрво) на домаќинствата.

Истражувањето на УНДП покажа дека загревањето на домаќинствата на дрва, а не на автомобилите, најмногу влијае на локалното загадување.

Се проценува дека во Скопската котлина има 133.633 домаќинства, од кои 73.220 (речиси 45 отсто) се греат на дрво, околу 51.000 (31 отсто) на струја, а околу 35.000 или 21 отсто се приклучени на централно греење. Само околу 2.500 домаќинства, или 1,5 отсто во моментот се загревале со печки на пелети.

Според податоците од анкетата едно семејство во Скопската котлина во текот на една грејна сезона троши 8,38 м3 огревно дрво. Ова семејството во атмосферата емитира околу 41 килограм ПМ 2,5 честички, односно 42,5 килограми ПМ 10 честички во текот на грејната сезона.

Споредбата со емисиите од едно возило (дизел ЕУРО 3 стандард, 0,05 гр/км ПМ) кое дневно поминува 20 километри покажува дека ова возило во една грејна сезона поминува 3.600 километри, и според тоа емитува 0,18 килограми ПМ честички.

Или едно семејство кое користи огревно дрво во атмосферата испушта онолку ПМ честички колку што ќе испуштат 230 автомобили кои се возат секој ден и дневно поминуваат по 20 километри.