Home Актуелно Граѓаните на мирен протест, бараат решение за загадувањето

Граѓаните на мирен протест, бараат решение за загадувањето

„Четворица дневно умираат чекајќи чист воздух“ и „Ставете налепници на тешката индустрија“, се само некои од транспарентите што може да се видат на денешниот мирен протест во Скопје поради загадувањето.

Протестот го организира иницијативата „Канцерогено општество“, а почна околу 13 часот пред Собранието на РМ. По околу 40 минути граѓаните се упатија кон Владата каде ги искажаа своите барања.

-Владата и институциите да престанат со т.н. решенија против загадениот воздух кои дирекно удираат по џебот на најсиромашните, а крупните капиталисти и најголемите загадувачи остануваат недопрени, порачаа активистите.

Воедно побараа свикување итна владина седница поради алармантната состојба со квалитетот на воздухот и вклучување експерти за решавање на проблемот.

Како што рече Кристијан Узунов од иницијативата „Канцерогено општество“, еден од најголемите причинители за рана смрт е дишење неквалитетен воздух, а јавни дебати околу квалитетот на воздухот во Македонија скоро и нема.

-Бараме Владата да ги употреби сите средства за справување со овој проблем и претставници од граѓанскиот сектор да се вклучат во надлежните контроли за големите загадувачи, истакна Узунов и додаде дека никој не смее да си игра со нашето здравје.

Според Давор Врговиќ, исто така активист во „Канцерогено општество“, барањата на граѓаните треба да се надополнат и подобрат од страна на експерти.

-Очекуваме некој од Владата да не прими и да не сослуша. Останува да видиме како ќе одговорат на нашите барања. Потоа, дополнително ќе утврдиме како би дејствувале понатаму, изјави Врговиќ за МИА.

Протестот беше закажан и на социјалните мрежи под слоганот „Мртво општество, не!!!“.

Извор: Нова Македонија

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…