Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Прилеп со низа културни и спортски манифестации е подготвен и оваа година да привлече уште поголем број на туристи, љубители на манастирскиот, алтернативниот и фестивалскиот туризам. Советничката за култура Снежана Ристеска и градоначалникот Марјан Ристески, најавија богата 2017-та година исполнета со многу настани од културата и спортот.
„И оваа година ќе започнеме со Меѓународниот карневал „Прочка“, Денови на Крали Марко, Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, во организација на Општина Прилеп секоја година во манастирот Св. Илија, во близина на село Витолиште се одржуваат Мариовско-мегленските културни средби со кои се негува фолклорно и културното наследство на регионите во присуство на повеќе граѓани на Прилеп и Македонија, тука е назаменливиот Фестивал на пивото, а богатото културно лето ќе го заокружиме со Џез Фестивалот кој се одржува последниот викенд во месец август на летната сцена на ЦК „Марко Цепенков“.
Веднаш потоа следуваат настаните: 3 Ноември, 11 Октомври, Свети Никола, … Одржувањето на овие манифестации има за цел зачувување на културното наследство и промоција на Прилеп и негова афирмација на меѓународно ниво“, посочи Снежана Ристеска во својата изјава.
Веднаш по Скопје и Охрид, Прилеп е трет град по посетеност на странски туристи. Во 2016-та година, Прилеп доживеа вистинска културна и спортска експлозија. Во изјавата на Ристеска беше наведено дека: Спортистите и учесниците во традиционалните аутдор фестивали во болдеринг, планински велосипедизам, параглајдинг, планинско трчање, хајлајн, мотокрос и останатите, му го доделија на Прилеп епитетот – Центар на авантурите“.
Градоначалникот Марјан Ристески, стави акцент на одличната соработка со Центарот за култура „Марко Цепенков“ и локалната власт и најави 36 изложби, 12 концерти и три нови премиери на претстави, а воедно ја спомена и одличната соработка со НУ Завод и Музеј – Прилеп кои заедно го градат археолошкиот и манастирскиот туризам. И оваа година ќе се продолжи со обновата на опожарените конаци на манастирот „Трескавец“, рекострукција на манастирскиот комплекс „Св. Никола“ во село Манастир и реконструкција на спомен домот на „Блаже Конески“ во Небрегово.
Прилепчани оваа година ќе добијат и нов театар, инвестиција на Владата на РМ како еден од капиталните проекти за 2017.