Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Очигледно реакциите на јавноста на социјалните мрежи за најновата узурпација на крајбрежјето на Охридското езеро во авто-кампот Градиште вродија со плод.
Откако вчера и денес на социјалните мрежи се ширеа фотографии од издигнатиот бетонски ѕид среде плажа во близина на кампот „Градиште“, општината денеска со багери ја уриваше дивата конструкција. Ова на „Фејсбук“ го потврди и охридскиот градоначалник Константин Георгиески.
Тој истакна дека општинските инспектори извршиле увид уште на 24 март и донеле решение за отстранување на дивоградбата, чиј рок е 14 дена. Со тоа се отвора дилемата дали и кој „замижувал“ на градежните активности во изминатите месец и половина – и тоа во ек на пандемија но и мораториум за градба кој со месеци е во сила.
Георгиески, меѓудругото, категорично отфрла одговорност дека општината издала дозвола за оваа градба.
Невладината „Охрид СОС“ ги искритикува властите дека наместо заштита на природното наследство – надвладеал интересот за профит и узурпација.
„Со секој еден ваков нов пример, само се потврдува лицемерноста на локалната и централната власт, отсуството на вистинска волја за справување со ваквите девијации. Додека козметички дотеруваа во извештајот до УНЕСКО на терен имаме сосема спротивна практика. Благодарение на наши сограѓани, секој ден излегуваат на виделина вашите „подвизи“ и вистинското ваше лице. Ве заболе вас за светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.“, стои во реакцијата на Охрид СОС.
Антикорупционерите, пак, пред неколку дена најавија дека ќе испратат барање до Владата таа да ја преземе обврската за рушењето на 409 дивоградби во заштитените подрачја во Охрид и Струга. Ова следува откако по разгледувањето на јавните набавки на Општина Охрид, комисијата утврдила дека лани бил склучен само еден договор со оператор кој треба да ги урива бесправно изградените објекти во висина од околу 24.500 евра.
„Поради тоа што ова е премал износ за справување со дивоградбите, Државната комисија за спречување корупција ќе упати барање до Владата да ги преземе сите активности за да ги преземе надлежностите на сите општини кои што се наоѓаат во овој регион и да се справи со објектите кои се бесправно изградени.“ – Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.
Во јануари беше усвоен Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион чија цел беше да се воведе ред со дивеењето долж охридското крајбрежје и неговата заштита. Судбината на Охридскиот регион зависи од реактивната мисија на УНЕСКО која минатото лето и даде дополнителни препораки на земјава да се справи со градежната експанзија. Доколку нема напредок, постои опасност регионот да биде ставен на црната листа на наследства во опасност.