Град Скопје со итни мерки: Бесплатен градски превоз и поскап паркинг


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Согласно Законот за квалитет на амбиентниот воздух, на барање на Владата на Република Македонија и Министерството за здравство, Градот Скопје објави итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот.

Овие мерки се преземаат по добиеното известување од страна на Министерството за животна средина дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот миниумум, односно над 188 μg/m3 на мерните станици во Карпош, Центар и Ректорат.

Итните мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот денеска ги соопшти портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху каде како главна мерка која ќе ја спроведе градот е воведувањето на бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и приватните превозници.

Во сила стапуваат следните мерки и препораки:

1. Град Скопје од 20 јануари 2019 година воведува бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници, се до моментот на намалување на загадувањето, за што јавноста дополнително ќе биде известена.

2. Град Скопје ги прекинува сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност. Ги повикувам сите градоначалници од општините во град Скопје, да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност.

3. Цената на паркирањето на паркиралиштата на Градски паркинг од овој момент двојно се зголемува и тоа важи се до престанокот на итните мерки.

4. Град Скопје изминатите недели вршеше интензивен инспекциски надзор на инсталациите што се во негова надлежност со мерење на емисии во воздух. Притоа извештаите се објавуваат редовно во јавноста.
5. Град Скопје ја интензивираше контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.

6. Го задолжуваме ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното чистење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им препорачувам на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност.

7. Град Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување на стока преку Инспекторатот на Град Скопје. Воедно го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување на стоки издадени од страна на Градот Скопје.

8. Апелираме до вработените во Град Скопје, јавните претпријатија и институции на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз.

9. Ги повикуваме Градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.

10. Го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9,30 до 14,30 и по 18,00 часот.

11. Го повикуваме Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.

12. Бараме од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.

13. Бараме од Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот.

Ова не е битка која што ја водиме само денес. Град Скопје работеше цела година на 25 нови мерки против загадувањето кои ги немаше претходната градска администрација, а кои беа иницијативи на стручната и граѓанската јавност, препораки во студиите за загадувањето. Не можеме сами во оваа битка, потребна е поголема вклученост и на другите институции и на граѓаните – кажа Салиху.