Гоце Митевски ја дигитализираше култната серија „Бушава азбука“


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Во чест на Горан Стефановски и Душан Петричиќ, дизајнерот Гоце Митевски објави дека ја дигитализирал култната едукативно-забавна емисија за деца, серијалот „Бушава азбука“, за истиот да биде достапен како наследство за идните генерации.

„Ја дигитализирав „Бушава азбука“ во чест на Горан Стефановски и Душан Петричиќ“, напиша Митевски.

Дигиталната верзија ги содржи видеата и појаснувањата за секоја буква во македонската азбука.

Гоце Митевски

„Јас пораснав со „Бушава азбука“. И додека бев дете и денес, сметам дека „Бушава азбука“ е едно од најзначајните дела за македонскиот јазик и македонската култура воопшто. Сѐ уште сум фасциниран од талентот на Горан Стефановски и леснотијата со која успеал на најсликовит можен начин да ги опише формите на буквите од нашата азбука и да продре во детските срца. Се разбира, со помош на безвременските илустрации на Душан Петричиќ и маестралната екранизација на Слободан Унковски. Сметам дека дигитализацијата на „Бушава азбука“ е логичен чекор кон зачувување на културното наследство на нашата држава. Ова дело треба да биде што е можно подостапно, а преку електронските медиуми, денес тоа е остварливо многу лесно“, објаснува дизајнерот.

Како што вели Митевски, се трудел преносот да е што е можно поавтентичен, но сите што ќе забележат недоследности, слободно може да ги пријави како проблем. Изворниот код е достапен за проучување.

„Најголемиот предизвик беше да се прилагоди визуелниот дизајн за да одговара на форматот што е соодветен за презентација на Интернет и на уреди со екрани во различни големини. Распоредот на содржините во книгата е хоризонтален, но на екран обично нема толку широка површина што е на располагање. Мораше да направам некои прилагодувања и за да може презентацијата да се додава како апликација на мобилни уреди непречено. Останататата работа беше релативно едноставна. Скенирање на печатеното издание и препишување на текстуалните делови“, додава Митевски.

Дигиталната верзија на „Бушава азбука“ може да се види ТУКА.