Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Осумте проекции на македонскиот претставник на престижниот филмски фестивал Берлинале, кој се отвора денес, веќе се распродадени.
Фестивалот секоја година привлекува над 350.000 посетители од целиот свет и 4.500 акредитирани новинари, а за филмската индустрија и медиумите, овие 11 денови во февруари се воедно и едни од најважните настани во годишниот календар.
На Булеварот на ѕвездите “Allee der Sterne” од минатата недела веќе се поставени и огласни табли со официјалниот постер на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, а првата премиера ќе биде прикажана на 10 февруари од 16 часот пред повеќе од 1800 посетители меѓународна публика.
Во текот на 11-те фестивалски денови, филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ доби вкупно 8 проекции, а билетите се веќе распродадени.
Првите се закажани уште пред официјалната премиера на 7-ми и 9-ти февруари, кои се ексклузивни затворени проекции организирани од страна на францускиот агент за продажба „Пирамид“ за заинтересираните купувачи, додека на денот на премиерата, 10-ти февруари, филмот прво ексклузивно ќе биде прикажан пред новинарите, по што ќе следи и официјалната прес-конференција со екипата на македонскиот претставник за Златната мечка.
Истиот ден, во 16 часот следи првата светска премиера во главната сала на Berlinale Palast, а пак следниот ден, на 11.02 се закажани две прикажувања, од 9:30 и од 18:15 часот, во огромната, фантастична сала Friedrichstadt-Palast, која има капацитет од 1900 седишта.
На 12.02, нашиот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ќе биде прикажан и во локалното кино “b-ware! Ladenkino”, во рамки на специјалните прикажувања “Berlinale Goes Kiez” кои имаат за цел да го доближат Берлинале до локалните уметнички кино сали во Берлин. На овој начин, Фестивалот им оддава почит на кино салите кои ја поддржуваат кино културата во текот на целата година. Во исто време, преку овие специјални прикажувања на публиката ѝ се дава можност да ја проследат селекцијата на Берлинале во нивната локална населба, но и да разменат мислења и коментари со авторите на филмот (Kiez на германски значи „населба“, „маало“).
Едно дополнително прикажување е закажано и на денот на затворање на фестивалот, на 17-ти февруари во “Haus der Berliner Festspiele”.
Македонската екипа денес заминува на Берлинале, а покрај режисерката Теона Стругар Митевска и продуцентката Лабина Митевска, на патот кон освојување на Златната мечка ќе оди и голем дел од екипата која работеше на филмот, како и дел од актерската екипа сочинета од Зорица Нушева, Симеон Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Виолета Шапковска, Џевдет Јашари и Бајруш Мјаку.
На денот на премиерата, нашата екипа приредува и специјална македонска вечер на која ексклузивни гости ќе биде македонскиот бенд „Фолтин“.
Извор: Нова ТВ