Горјан Тозија нов директор на Агенција за филм


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Во подготовката е менаџерска промена во најзначајната институција за домашната кинематографија, Агенцијата за филм, за која ќе се одлучува на следната владина седница. На фотелјата на досегашната директорка Мими Ѓоргоска Илевска, ќе седне Горјан Тозија. Како што пренесува Макфакс, причините и за оваа промена се бројните индиции за неправилности во работењето и „чудни“ и скандалозни одлуки во креирање на политики во домашната кинематографија од страна на Ѓоргоска Илиевска.

Во последниов месец актуелен беше обидот на раководителката да го оттуѓи фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ од нејзиниот единствен основач и организатор и истиот да го преземе поединец со незаконски преземен бренд. Откако за ова беше информирано новото раководство во Министерството за култура, фестивалот и неговиот повеќедеценски организатор добија зелено светло за работа.

Како директор на Агенцијата, таа дојде во 2015 година од местото директорка на Кинотеката на Македонија. Филмската фела и упатените во оваа дејност, имаа пофални зборови за нејзината работа во Кинотеката, но за Агенцијата за филм кружеа многу негодувања. Имено, сомнежот паѓа и во незаконски одобрувања на средства за снимање на филмови и серии, под налог на високото партиско раководство.

Човекот што ќе ја преземе работата на Агенцијата за филм, Горјан Тозија има импресивна кариера во филмот со биографија од речиси 40 години во продукциски проекти од седмата уметност..

Како продуцент или копродуцент е потпишан зад 60 филмски остварувања, меѓу кои работа со светски продукции од Холивуд, Би Би Си. Член е на Европскиот продуцентски клуб, бил дел од бројни жирија на реномирани фестивали. Иницираше и учествуваше во креирање на повеќе стратегии и закони за филм.