Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
После една година чекање, Врховниот суд донесе одлука со која пресече – Гордана Јанкуловска ќе оди во затвор.
Нејзината жалба за „Тенк“ е одбиена и е потврдена одлуката на Апелација – четири годишна казна затвор за набавката на блиндираниот мерцедес од над половина милион евра. Освен на Јанкулоска одбиени се жалбите и на останатите осудени – бегалецот и екс премиер Никола Груевски како и помошникот министер во МВР Ѓоко Поповски. На одлуката на Врховен реагираше лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.
„Гордана Јанкуловска ќе оди во затвор. Ја судеа без докази затоа што не одбра да биде слуга во скутот на Заев. Ова не е никаква правда, туку начин да се оттргне вниманието од вистинските скандали, криминали и неуспеси на мафијата на власт. Јанкуловска беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и тука таргетот не е Јанкулоска, туку ВМРО ДПМНЕ“, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО – ДПМНЕ.
Но, Јанкулоска нема веднаш да оди во затвор. Одлуката Врховен ја донел вчера а ја соопшти денеска. Допрва одлуката ќе се пишува. Потоа треба да се прати до Апелација па во Кривичен. Сепак Јанкулоска има можност да бара одлагање на затворската казна. Ниту таа ниту нејзините бранители не откриваат дали ќе бараат одложување на одењето во затвор. Таа веќе го одложи одењето во затвор два пати. Првиот пат поради тоа што имаше бебе. Втор пат го одложи лани на 1 – ви јули, токму преку жалба до Врховниот суд со барање пресудата за „Тенк“ вонредно да се преиспита. Врховен тогаш донесе одлука дека таа нема да оди во затвор се додека не донесат одлука по нејзината жалба. Јанкулоска е осудена за злоупотреба на службената положба при набавката на луксузниот мерцедес. Токму поради пресудата за „Тенк“ и затворската казна од две години, од земјава избега поранешниот премиер Никола Груевски.