Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Ова лето, од 6-ти до 8-ми јули во Дојран ќе се одржува осмото издание на Д ФЕСТИВАЛ – единствениот летен музички open-air фестивал кај нас, кој секое свое издание го одбележува со исклучителна програма, настапи на повеќе од 60 музички изведувачи и исто толку гости учесници во богатата дополнителна програма.
Со својот концепт, Д ФЕСТИВАЛ е уникатно тридневно доживување за илјадници посетители од Македонија и регионот, а гаранцијата дека посебен настан нѐ очекува и ова лето, стигнува со првите изведувачи кои го потврдија својот настап на Фестивалот. Како први артисти кои се запишуваат во годинашната програма, имаме чест да ги претставиме исклучителните музички уметници од македонската современа сцена и тоа: една од клучните фигури на македонската музичка авангарда ГОРАН ТРАЈКОСКИ – ГОТРА, македонскиот композитор и продуцент со завидна меѓународна кариера ДУКЕ БОЈАЏИЕВ и претставниците на младата андерграунд музичка сцена, скопското трио ПАЛИНДРОМ.
Првиот ден на Фестивалот, петок (6-ти јули) е резервиран за настапот на извонредниот ГОРАН ТРАЈКОСКИ – ГОТРА, кој на главната бина на Д ФЕСТИВАЛ ќе ни го претстави својот нов и веќе одлично оценет албум „Тешкиот глас на новите химни“, објавен во декември минатата година. Горан Трајкоски е македонски композитор на театарска и филмска музика, инструменталист, вокален интерпретатор, основач на рок групите Падот на Византија и Анастасија. Бил соработник на неколку дискографски изданија и настапувал со групи и музичари како Мизар, Кирил Џајковски, Елена Христова, Александар Велјанов, Deine Lakaien и Mooger Fooger. Студирал англиски јазик и книжевност, но музички сам се образувал учејќи ја традиционалната македонска музика од Пеце Атанасовски, македонското и традиционалното источно црковно пеење од oтец Стефан Санџаковски. Својата прва музика за театарска претстава ја направил во 1989 година, а до денес работел музика за повеќе од 80-тина театарски претстави и филмови.
На истата бина, но вечерта за затворањето на годинашниот Д ФЕСТИВАЛ, во недела (8-ми јули) ќе имаме чест да го погледнеме настапот на ДУКЕ БОЈАЏИЕВ – македонскиот композитор кој од 2001-ва година живее и работи во Њујорк. Тој има дипломирано на Медицинскиот Факултет во Скопје, а потоа на музичкиот колеџ Беркли во Бостон. Низ неговата интернационална кариера Дуке има работено со добитници на Оскар како Џонатан Деми и Данис Тановиќ, како и со Рајко Грлиќ, Вељко Булајиќ и Столе Попов. Неговата музика е користена за светски кампањи на брендови како Пежо, Ланком и Лореал, разни светски компилации како Буда Бар и Маракеш Експрес. Има работено со артисти од калибарот на Синди Лопер и Телепоп Мјузик, а има настапувано во светски концертни арени, меѓу кои Карнеги Хол во Њујорк, Авалон Театар во Лос Анџелес и Античкиот Театар во Охрид. По неколку години отсуство од клупската сцена и комплетна посветеност на музика за филм и акустични настапи, Дуке доаѓа од Њујорк со нов електро-акустичен материјал под наслов „New York p.m.“ кој е фузија од неговата клупска и филмска музика. На Д ФЕСТИВАЛ ќе имаме ексклузивна можност премирно да го слушнеме новиот материјал во изведба на Дуке со електронски сет, во придружба на стринг квартет.
Како прв потврден изведувач на втората по големина фестивалска бина на Д ФЕСТИВАЛ – на Mosquito Stage, годинава се запишува ПАЛИНДРОМ – скопско андерграунд трио формирано во 2013-та година. Невообичаениот состав на две бас гитари и тапани, на Палиндром им дозволува голем простор за експериментирање околу пост-панк/стонер и ноиз жанровите. А токму тоа ги карактеризира „Coalesce“ (2014) и „Desert Y“ (2017), двете досега објавени изданија на бендот кој го сочинуваат: Кристијан Новковски (тапани), Ерик Омерагиќ (бас) и Филип Поповски (бас).
ВО ПРОДАЖБА СЕ НАЈПОВОЛНИТЕ – РАН КОРМОРАН ВЛЕЗНИЦИ
Во сите продажни места на МкТикетс, како и онлајн преку овој линк, веќе се спроведува РАН КОРМОРАН акцијата на Д Фестивал во чии рамки се продаваат фестивалските (тридневни) билети по нивната најповолна цена и тоа:
– ФЕСТИВАЛСКИ БИЛЕТ (три дена, без кампување) – 600 денари;
– ALL-INCLUSIVE БИЛЕТ (три дена, со кампување) – 650 денари.
(*двата типа на билети овозможуваат пристап до комплетната тридневна програма)
Побрзајте да ја искористите акцијата, бидејќи сигурно е дека илјадници посетители од Македонија и регионов и ова лето ќе ги исполнат капацитетите за време на трите дена резервирани за фестивалската слобода, повеќе од 100 изведувачи и гости, 4 бини, камп и еден куп случувања во најпозитивната атмосфера, на Д ФЕСТИВАЛ!