Годишно обраќање на претседателот Пендаровски во Собранието – очекува да се случат уставните измени


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Македонскиот претседател Стево Пендаровски на годишното обраќање во Собранието својот говор го фокусираше најмногу на уставните измени кои претстојат. Тој посочи дека сите значајни договори кои поминале низ законодавниот дом, како и одлуки за промените на Уставот, досега биле со поддршка од опозицијата. Пендаровски на пратениците им посочи: „Граѓаните чекаат – резултати!“, пренесува А1Он.

„Сакам од ова место да порачам дека нам ни е насушно потребна кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот, каква што ѝ доликува на една европска демократија. Никој никого не треба да притиска, ниту да условува за да гласа спротивно на својата волја, но, при тоа, на сите пратеници треба да им се пред очи две работи: прво, дека самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од други народи во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет, и второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратешка цел, нашата стратешка константа од 1991-та до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт?“, кажа Пендаровски.

Според него, отворањето на бугарските клубови не придонесуваат за градење на доверба помеѓу граѓаните.

„Нашата обврска за промена на Уставот не е поврзана со отворањето на клубовите на Бугарите во Македонија, меѓутоа, останува впечатокот дека станува збор за временски темпирана и организирана активност која не придонесува за градењето доверба меѓу Скопје и Софија. Со тензиите кои ги крена отворањето на овие клубови, за жал, другата страна одбра конфронтациски наместо, кооперативен пристап кој е целосно на линија со јавната реторика на бугарските историчари во заедничката комисија кои инсистираат историјата да ја доминира целокупната билатерална агенда, наместо да биде само еден нејзин сегмент. Фактот дека не постои никакво системско нарушување на правата на бугарското малцинство, не треба да ја лимитира нивната можност да отвораат клубови каде сакаат и колку сакаат, но, со стриктно почитување на македонските закони кои се компатибилни со европските“, додаде Пендаровски.

Според него, не може да има гаранции дека вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав ќе биде последно барање од соседната држава, во процесот на преговори со ЕУ.

„Следно прашање и дилема во јавноста е дали може да има гаранции дека тоа ќе биде последното барање кон нас во процесот на преговори? Еве го последниот пример: Бугарија и Романија се членки на Унијата петнаесет години, а неодамна беа блокирани за влез во Шенген зоната. Ако две членки на Унијата беа блокирани за влез во еден од најважните проекти на единствениот европски простор, се разбира дека никој не може да ѝ даде гаранции на земја- кандидат која тукушто ги почна преговорите кои не се праволиниски. Затоа, ние, во процесот треба да влеземе со самодоверба и да се фокусираме на исполнување на критериумите кои ќе обезбедат подобар живот на нашите граѓани. Одамна помина времето кога го меревме успехот во интеграциите според бројот на усвоените закони“, кажа претседателот.