Го викаат „Генералот Армагедон“


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Нешто по полноќ на 21 август 1991 година, колона оклопни транспортери со војници од руската Втора гардиска моторно-стрелачка дивизија, позната како Таманска гарда, протатне низ централниот московски тунел каде што беше пречекана од демонстранти лути поради обидот за државен удар против советскиот лидер Михаил Горбачов, пишува Радио Слободна Европа.

Демонстрантите го забарикадираа патот со автобуси и возила за чистење улици, а во хаосот што следуваше загинаа три лица. На крај, колоната се повлече.

Овој судир беше пресвртна точка во пучот, кој пропадна следниот ден.

Човекот што ја командуваше единицата беше 24-годишниот капетан Сергеј Суровикин, офицер од среден ранг, кој беше накратко уапсен поради неговите наредби, но подоцна ослободен.

Суровикин продолжи со долга кариера во руската војска, каде што постојано беше унапредуван, и доби репутација на нескриена бруталност во Чеченија и, од неодамна, во Сирија. На 8 октомври, претседателот Владимир Путин го назначи мошне одликуваниот Суровикин, кој сега има 56 години, за генерален командант во руската сѐ понеуспешна војна против Украина.

Два дена подоцна, Русија го истури својот најголем бараж на проектили и воздушни напади од почетокот на инвазијата во февруари, туркајќи ја војната во потенцијално уште посмртоносна нова фаза – на чело со Суровикин.

„За Украина, јас би бил многу загрижен поради апсолутно безмилосниот однос на Суровикин кон непријателот – и кон борците и кон цивилите – и неговиот ласерски фокус кон постигнување воен напредок без разлика на цената или ризикот“, рече Чарлс Листер, директор на програмата за Сирија во американскиот Институт за Блискиот Исток, кој ја следеше претходната команда на Суровикин со руските сили во Сирија.

„На крај, веројатно цивилите најмногу ќе страдаат, особено затоа што Украина изгледа фокусирана само на тоа да продолжи со својата ефикасна и херојска борба за својата територија“, напишал Листер по мејл.

„Неизвесно е дали тој може да ја промени основната динамика на војната, бидејќи Украина распоредува сè подобро обучени трупи и понапредно оружје“, напиша Марк Галеоти, долгогодишен експерт за руските безбедносни сили, во колумна за Спектатор.

„Сепак, од него веројатно ќе се очекува да се обиде, а тоа веројатно ќе значи многу повеќе сирени за воздушни напади во градовите низ Украина.“

Метеорски подем

Кариерата на Суровикин се протега наназад сѐ до некои од водечките воени училишта на Советскиот Сојуз; тој прво дипломирал на Академијата за обука на офицери во Омск во 1987 година. Според неговиот профил од 2005 година во весникот на Министерството за одбрана, Краснаја звезда, тој служел одредено време во Авганистан со советските специјални сили.

За време на хаосот во Москва во август 1991 година, воената кариера на Суровикин се забрзуваше. Тој веќе беше капетан и командант на баталјонот Таманска гарда, престижна команда за еден млад офицер.

Некои медиумски информации од тој период тврдат дека самиот Суровикин пукал во еден од демонстрантите, тврдење што никогаш не беше целосно потврдено. Сепак, тој неколку месеци заврши во озлогласениот московски затвор Матроскаја тишина, пред да биде ослободен во декември, наводно по наредба на рускиот претседател Борис Јелцин.

Тој, исто така, беше унапреден во мајор и се запиша на московската Воена академија Фрунзе, една од најпрестижните академии на Министерството за одбрана во земјата. Меѓутоа, додека беше таму, Суровикин беше предмет на кривична истрага за трговија со оружје и нелегална продажба на оружје.

На крај, московскиот воен суд го осуди Суровикин по три обвиненија, но му беше изречена само една година условна казна, одлука што предизвика бес кај некои во војската, особено поради тоа што унапредувањето на Суровикин продолжуваше неконтролирано.

Вестите за случајот, полесната казна и за внатрешното незадоволство протекоа во руските медиуми во 2012 година, како и неговите напори случајот да биде избришан од неговото воено досие. Во коментар за весникот Комсомолскаја правда во 2012 година Суровикин рече дека случајот бил затворен во 1995 година, тврдејќи дека бил ослободен и дека добил извинување.

„Секој има своја судбина“

По Воената академија Фрунзе, Суровикин беше испратен во Таџикистан, каде што брзо беше унапредуван додека служеше во 201-та механизирана пешадиска дивизија, најголемата руска единица во цела поранешна советска Централна Азија.

Неговиот напредок продолжи со обука на Академијата на Генералштабот во Москва, а потоа и со задача да командува со 34-та механизирана пешадиска дивизија на воениот округ Волга-Урал.

Во 2004 година, Суровикин беше под истрага за инцидент во кој еден од неговите главни подредени офицери изврши самоубиство. И тој случај нагло беше затворен, што предизвика негодување кај поединци во Министерството за одбрана.

„Офицерите на еден добар командант не се самоубиваат во канцеларија со службено оружје“, изјавил за Суровикин во 2017 година еден офицер што служел во Генералштабот.

И раководството на Суровикин беше под лупа откако тој ја презеде командата на 42-та гардиска механизирана дивизија во Чеченија во јуни 2004 година. Дотогаш, втората војна во отцепениот регион на Северен Кавказ веќе се претвори од борбени операции во „антитерористичка операција“, како што ја опиша Кремљ.

Во февруари 2005 година, девет извидници од полкот на 42-та дивизија беа убиени кога врз нив се урна ѕид во главниот град Грозни. Суровикин во телевизиските настапи вети одмазда, но весникот Новаја газета подоцна го доведе во прашање тој извештај, сугерирајќи дека ѕидот се урнал кога пијан војник случајно испукал граната или лошо ракувал со нагазна мина.

Во интервју за Краснаја звезда во април 2005 година, Суровикин го повтори тврдењето дека чеченските „бандити“ се одговорни за уривањето на ѕидот.

„Општо земено, можете бескрајно да зборувате за тоа што е направено правилно, а што не. Полесно е да се биде паметен кога веќе знаеш што се случило. Но тепачката е борба. И тука не е секогаш можно реално да се процени ситуацијата“, рече тој.

„Секој има своја судбина. Секому може да му се случи сѐ“, изјави тој за весникот. „И не само во Чеченија.“

Тој се приклучи на Главниот оперативен директорат на Генералштабот по војната во август 2008 година во која Русија ја нападна Грузија. Русија победи, но конфликтот откри длабоки проблеми во вооружените сили, што доведе до големи напори за реформирање и модернизација на војската. Според профилот на ТАСС од 2017 година, Суровикин „ја презеде оваа позиција во контекст на големата реформа на руската војска, која започна по ‘операцијата за присилување на Грузија на мир’.“

Генерал „Армагедон“

Во 2017 година, откако служеше во Главната оперативна дирекција на Генералштабот, Суровикин, тогаш генерал-полковник, беше унапреден да командува со руските воздухопловни сили, огромна сила што ги вклучува авијацијата и ракетните единици.

Фактот дека армиски офицер е назначен за командант на силите ги крена веѓите кај некои колеги, особено кај офицерите на воздухопловните сили: „Првиот ‘нелетачки’ командант во историјата на руската воена авијација“, како што подоцна го опиша Новаја газета.

Таа година тој беше испратен и во Сирија, каде што руските сили интервенираа во 2015 година за да ги поддржат владините трупи во нивната борба против антивладините бунтовници и екстремистичките сили.

Напорите беа успешни, не само за стабилизирање на силите на сирискиот автократ Башар ал Асад, туку и за проширување на руската воена база во пристаништето Тартус. Но за време на неговите две посети таму, Суровикин разви репутација за спроведување безмилосни тактики, вклучително и надгледување на бомбардирањето на Гута и Алепо, кои во тоа време главно беа под контрола на бунтовниците.

Неговото командување, исто така, се совпадна со повеќекратната употреба на хемиско оружје, како што се хлорните бомби, од страна на сириските сили против цивилни цели.

„Времето кога Суровикин ја командуваше руската кампања во Сирија беше клучно, за време на кое Русија конечно успеа решително да го смени курсот на конфликтот во корист на Асад“, изјави Листер за РСЕ. „Командата на Суровикин беше клиничка, брутална и, пред сè, жестоко пресметана.“

Тој, исто така, ги удвои тактиките, рече Листер, работејќи со иранските прокси-сили во Сирија, особено со силите Кудс, елитна единица на иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда и Хезболах, вооружени сили поврзани со Иран, означени како терористичка група од страна на САД и Европската Унија.

„Иако главно тајна и малку позната, таа директна координација со силите Кудс несомнено придонесе за стратегиските односи меѓу Иран и Русија што светот ги гледа сега“, рече тој.

Во извештај од 2020 година за воени напади врз сириски цивили, Хјуман рајтс воч го именува Суровикин како еден од неколкуте руски команданти што „знаеле или требало да знаат за злоупотребите и не презеле ефективни чекори за да ги запрат или да ги казнат директно одговорните“.

Руската интервенција во Сирија беше обележана и со зголемена вклученост на приватните платенички групи, особено на Вагнер, чиј сопственик е Евгениј Пригожин, бизнисмен од Санкт Петербург со блиски врски со Кремљ. Во февруари 2018 година, група платеници на Вагнер и сириски сојузници нападнаа база во која беа сместени курдските сили и американските советници; американските сили одговорија со масовни воздушни напади во кои загинаа „неколку стотици Руси“.

По нападот, руските воени блогери го вперија прстот кон руските команданти затоа што или ѝ дале дозвола на платеничката група да напредува или не ѝ обезбедиле поголема заштита од силите на САД.

Според Комсомолскаја правда, раководството на Суровикин во Сирија му го донело прекарот „Генерал Армагедон“ меѓу неговите офицери.

Кремљ му го додели на Суровикин медалот Херој на Русија, највисокото воено признание во земјата, за неговата команда во Сирија. Во август 2021 година тој беше унапреден во генерал.

Воената инвазија на Украина

Четири месеци по инвазијата на Украина на 24 февруари, Суровикин командуваше со јужната група руски сили, која подоцна беше одговорна, меѓу другото, и за жестокиот напад врз градот Северодоњецк во областа Луганск, кој падна во рацете на руските сили на 25 јуни.

Суровикин беше формално задолжен и за јужната група во Украина во септември, кога украинските сили покренаа неверојатна контраофанзива во североисточниот регион Харков, истиснувајќи ги руските трупи од регионот, а подоцна ја презедоа контролата врз Лиман, клучен железнички центар во регионот Доњецк, што се смета за голем пораз на руските трупи.

Тој пораз предизвика гневни завивања кај воените блогери, десничарските коментатори и националистите, кои ги исмеваа руските команданти на Телеграм, иако не го споменаа Суровикин по име. Гневот се прелеа на пошироката јавност во весниците и на државната телевизија.

На 8 октомври Путин ненадејно објави дека Суровикин ќе ја преземе функцијата врховен командант за украинскиот конфликт. Назначувањето дојде истиот ден кога експлозијата на Кримскиот мост, кој го поврзува украинскиот полуостров под контрола на Русија со Русија, сериозно ја оштети градбата. Нашироко се верува дека експлозијата е дело на украинските сили.

Промоцијата на Суровикин беше пофалена од блогерите и коментаторите, кои повикаа на построг пристап во борбата против Украина. Се вклучи и Пригожин, кој го нарече „најспособниот командант во руската армија“.

„Откако доби наредби“, рече Пригожин во изјавата објавена од неговата компанија, Суровикин „без двоумење влезе во својот тенк и побрза да ја спаси својата земја“.

Два дена подоцна, Русија испука жесток бараж проектили кон Украина.

Извор: Мкд.мк