Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Тој е веројатно најсилниот човек кој живеел било кога на Земјата. Противници тешки и по 150 килограми ужасно се плашеа од него, толку многу страв им влеваше што никој не сакаше да влезе во ринг со него. Всушност, никој не сакаше да биде ни во негова близина. Бидејќи, тие очи, тој студен, челичен поглед ја мрзнеа крвта во вените и секој кој ќе го погледнеше го губеше мечот. И дел од душата со него.
„Никој не сака да лета“, изјави во една прилика, запрашан за стравот кој другите борачи го чувствуваат кога ќе се најдат очи во очи со него. „Моите противници…тие не разбираат. Јас секој ден тренирам онака како што тие никогаш не тренирале во животот“.
Александар Карелин е најголемиот шампион во историјата на борењето. Висок 192 см, со 130 килограми чиста мускулатура, подвижен како пантер и подеднакво силен и немилосрден, овој Русин три пати беше олимписки шампион, девет пати светски шампион и 12 пати шампион на Европа.
Во својата 13-годишна меѓународна кариера има доживеано само еден пораз, и тоа кога се бореше со сериозна повреда, во финалето на Олимписките игри во Сиднеј. Вкупно се има борено во 889 борби, од кои има 887 победи и два порази – еднаш од големиот советски шампион, Игор Ростортски, во 1987 година, а втор пат од Американецот Рулон Гарднер, во споменатото финале во 2000 година. Иако денес, најголем дел од луѓето од светот на борењето се согласуваат со оценката дека Карелин требало да го добие и тој меч, кој го загуби на поени.
„Има една работа која треба да ја знаете за Карелин“, вели Мич Хал, долгогодишен директор на боречкиот тим на САД, „неговата сила…тоа не е човечка сила“.
Борење почнал да тренира на 13 години, во родниот Нобосибирск, во срцето на Сибир. На едно од првите натпреварувања, се здобил со скршеница на бутната коска која ја скршил буквално на половина. Неговата мајка толку се исплашила, што му го запалила оделото за борење. Одговорот на Карелин на тоа бил: „Мамо, јас сега не можам да го напуштам спортот на кој му ја дадов ногата“.
Одлучил да се бори, да стане најсилен. Гол до појас, со часови и часови трчал низ сибирскиот снег. После трчањето, веслал по сибирските езера додека рацете не му прокрварат. И така со години. На тој начин стекнал кондиција и сила какви ниту едно човечко суштество пред и после него никогаш не поседувало.
Во Новосибирск го запозна и својот „најтежок противник во кариерата“, како што подоцна раскажувал Карелин: неговите родители купиле фрижидер, стар и претежок советски модел кој тежел околу 180 килограми, а во зградата каде што живееле немало лифт.
„Само го качив до осми кат, со овие две раце. Ни самиот не знам како“, раскажуваше Карељин во една прилика.
Александар беше познат по „Зафатот на Карелин“, потег кој само тој можеше да го изведе (во тешка категорија) на борилиштата: Противникот, некогаш тежок и 150 килограми, кој лежи помешечки на партерот, ќе го фатеше од зад грб, ќе го кренеше високо во воздух и буквално ќе го акнеше од земја на грб. Ова му донесуваше максимални пет поени во грчко-римски стил.
Никогаш, ни пред него, ниту после него, не е виден ваков зафат во борењето.
За време на боречката кариера, Карелин еден и единствен пат учествувал во ММА меч, против јапонскиот борач Акира Маеда. Беше потресно да се гледа немоќта на Јапонецот, инаку врвен мајстор во комбинирани боречки вештини, против габаритот Карелин. Русинот го фрлаше низ рингот како крпа, правеше што сака со него, цело време со широка насмевка на лицето.
„Да одлучеше да се бори во ММА, Карељин сам, далеку над сите, ќе владееше во тој спорт“, изјави еднаш Федор Јемелианенко, најголемиот ММА борец во историјата.
Карелин се повлече од борењето после поразот на Олимпијадата во 2000 година. Се посвети на науката и во 2002 година докторираше на Сибирската академија за физичка култура. На личен повик од Владимир Путин, започна политичка кариера. Повеќе пати е биран во руската Дума, а денес е член на одборот за меѓународни односи на рускиот парламент.
[…] Целиот текст можете да го прочитате на Taratur.com […]