Го освојува Холивуд: Оваа Македонка е дел од „ѕвездениот“ тим на Star Trek


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Кај нас сигурно најголем дел од публиката нема чуено за Александра Кочоска, но тоа не го оспорува фактот дека таа е успешна Македонка во Холивуд.

30-годишна Александра од неодамна работи како продуцент на визуелни ефекти на хит-серијата Star Trek Discovery. Таа веќе е номинирана за престижната награда Visual Effects Society, во категоријата „визуелни ефекти во епизода“.

„Во Америка заминав 2010 година и почнав да работам во Њујорк како бебистер. Имав желба да патувам и да ја видам земјата. По година и пол работа бев да посетам другарка во Лос Анџелес каде го запознав мојот сопруг Анте Дековиќ, кој работи како супервизор за визуелни ефекти“, раскажува Александра во интервју за „Репортер“.

За да добие шанса во филмската индустрија се запишала на УКЛА, од каде има две дипломи, за бизнис менаџмент во забавната индустрија и за развој.

„Програмата на УКЛА бара пракса директно во полето на интерес, па така дојдов до првиот проект, филмот White House Down со Џејми Фокс и Ченинг Тејтум, што беше извонредно искуство. Имав чест да учам и да се запознаам со работата преку супервизори со големо искуство. Клучен момент во кариерата беше кога го запознав Џејсон Зимерман кој ми ја отвори вратата во светот на ТВ-сериите“, вели таа.

Оттогаш работела на пет серии: Crossbones, Sleepy Hollow, Limitless, True Detective, а сега на Star Trek Discovery.

„Продуцентот е ‘човекот со парите’. Работата има свои убавини и предизвици. За Star Trek работиме за компанијата Си-Би-Ес и соработуваме со многу компании што ги изработуваат кадрите. Една од нив е и нашата македонската компанија FХ3Х, кои имаат фантастичен тим и со кои имаме одлична соработка“, додава Александра.

Најголем предизвик како продуцент на визуелни ефекти ѝ е работата на Star Trek Discovery. Таа не работи на компјутерска изработка на визуелните ефекти, туку има свој тим, десетина луѓе чија работа ја надгледува и одлучува во која сцена ќе има каков ефект. Притоа, внимава нивната работа да не го надмине буџетот со кој располага серијата за секоја епизода.

„Функцијата е највисока, ама и одговорноста е најголема. Но, ова е и работата што досега ми причинила најмногу задоволство. Привилегија е да бидете дел од семејството на Star Trek и да оставите свој печат во нивната историја.“

За серијата Александра веќе доби номинација за наградата Visual Effects Society, во категоријата за најдобри ефекти во епизода.

„Номинацијата е извонредно признание. Среќна сум дека нашата работа е земена предвид во категоријата за најдобри визуелни ефекти. Номинирани сме четворица: Џејсон Зимерман, Анте Дековиќ, Махмуд Рахнама и јас, и имаме тим од стотици артисти кои се темелот за успешен производ што публиката го гледа на малиот екран. Секако дека се надеваме за победа, но имаме силна конкуренција во „Игра на тронови“. Ни преостанува да ги видиме резултатите на 13 февруари“, раскажа Александра.