Advertisements
Екстра

Го менува концептот за рекламирање: „Најбизарната манекенка“ која никогаш нема да умре

Има прекрасен тен и фризура, армија од речиси 2 милиони следбеници на Инстаграм, а на многу етаблирани дизајнерски имиња веќе им запна за око.

Се појави во кампањата за Prada и Balenciaga, ја интервјуираше Vogue, а Time ја прогласи за една од 25. највлијателни „луѓе“ на интернет.

Се вика Микела Соуса, има 19 години, а ако ви изгледа малку нереално – во право сте. Микела не е реална девојка. Таа е аватар, компјутерски создаден 3D лик кој дефинитивно ќе го смени концептот за фамозното Инстаграм „инфлуенсерство“ и целокупниот концепт за маркетинг и рекламирање. Иако сè на неа е вештачки создадено, нејзината моментална „пазарна вредност“ се проценува на над 100 милиони фунти, бидејќи е совршен „рекламен простор“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Miquela (@lilmiquela) on

Облеката која ја носи, мобилниот телефон кој го има и препаратите кои ги користи за да го одржува совршениот тен или фризурата – сето тоа е реално и стварно. Само таа не е.

Таа е следниот чекор во светот на „инфлуенсерската“ индустрија и додека некои ова го сметаат за бизарно и вознемирувачко, на други едноставно не им е гајле што Микела не е реална личност. Особено не на нејзините милионски обожаватели.

„Искрено, обожавам сè што е на неа. Ако се прашувам јас, воопшто не ми е гајле дали е стварна или не. Ми се допаѓа нејзиниот стил, мислам дека е храбра, има одлична фризура и од неа можеме многу да научиме“, вели 23-годишната Џез Вилијамс, која Микела ја следи од нејзиниот сам почеток.

А ја обожаваат и огласувачите на реклами, бидејќи сè на неа е совршено. Изгледа префектно, никогаш нема лош ден, млада е и младите ја сакаат, тешко е да се одреди нејзината раса, а во морето еднолични „инфлуенсерки“ таа навистина е посебна и уникатна. И најважно, никогаш нема да предизвика скандал или да го загрози брендот кој го рекламира и засекогаш ќе има 19 години.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Miquela (@lilmiquela) on

Микела прв пат се појави во 2016 година и многумина од прва веруваа дека е стварна личност. Се восхитуваа на нејзиниот необичен изглед кој го припишуваа на шминката, а нејзините креатори едноставно уживаа да ги држат обожавателите на Микела во неизвесност.

Но, вистината излезе на виделина. Микела призна дека не е човечко суштество, но нејзините креатори и понатаму го одржуваат нејзиниот имиџ на андроид кој има развиено сопствени мисли и чувства. Се појавува на различни случувања, ја поддржува LGBT заедницата и движењето Black Lives Matter, има реални и стварни популарни обожаватели (Викторија Бекам, Парис Хилтон и продуцентот Марк Ронсон), а се занимава и со музика. Нејзиниот прв сингл е „Hate Me“ и има над 4 милиони „стримови“ на Spotify.

Кој ја има создадено?

Микела е производ на Силиконската долина, поточно на „старт-ап“ компанијата Brud која е иницирана од 27-годишната бивша диџејка Сара ДеКу и 33-годишниот продуцент Тревор МекФедрис. Малку е тешко да се открие како ја создале, бидејќи тие не одговараат на барањата и понудите за интервјуа, но очигледно овој проект одлично им оди.

Сара Живее во Фрогтаун, луксузен дел од Лос Анџелес, а Тревор е сопственик на речиси 2 милиони вреден бунгалов во Лос Фелис, исто така Лос Анџелес.

И додека Микела е одличен бизнис потег за Сара и Тревор, многумина се прашуваат колку е ова добро за младите обожаватели кои не би требало да бараат лични идоли и примери во нереални личности.

Од една страна, овој став на критичарите би можел да наиде на одобрување кај пошироката јавност, бидејќи на младите луѓе им требаат примери и идоли кои промовираат достижни стандарди за убавина, а вештачки створените ликови дефинитивно не се такви. Од друга страна, реално е да се запрашаме колку навистина се достижни стандардите кои веќе им се промовираат и наметнуваат на младите од страна на реалните „инфлуенсери/ки“?

Тоа не значи дека една лоша работа ја оправдува другата, но младите ионака примери и идоли бараат во филмските ликови или славните фаци кои создале лажен имиџ. Или со други зборови кажано – во морето лаги, Микела е само уште една таква. Но, многу поискрена.

Овие дилеми очигледно не им се проблем на рекламни клиенти како Ugg и Samsung, кои Микела веќе ја имаат ангажирано во своите маркетинг кампањи. А списанието Dazed ја ангажираше како колумнистка поради нејзината музичка кариера и активистичките ангажмани.

Микела има и конкуренција – виртуелниот супермодел Шуду. Нејзиниот творец Камерон-Џејмс Вилсон соработуваше со модната куќа Balmain и создаде армија виртуелни супермодели кои ги рекламираат нивните алишта. Секако, на вистинските манекенки тоа воопшто не им се допадна.

Brud има создадено уште два лика – Bermuda (виртуелна плавуша) и Blawko (машки модел кого го нарекуваат „помлад роботски секс симбол“).

Колку реалното е – „реално“?

Што и да мислат за „новата генерација инфлуенсери“, факт е дека оние кои плаќаат за реклами ги обожаваат бидејќи имаат целосна контрола над нив (или барем така е засега, оти нели, сепак некој реален стои зад секој нереален Инстаграм лик). Други не се согласуваат со тоа, а еден од нив е психологот Мајкл Бери. Тој во виртуелните „инфлуенсери“ гледа огромен проблем.

„Поставува нереални и недостижни идеали за младите луѓе. Ќе видите совршени слики и мислите дека тоа е нешто кон кое треба да стремите, но што и да направат младите, нивниот обид ќе биде осуден на пропаст. Мислам дека тоа е загрижувачки, бидејќи не знаеме кој стои зад таквите лажни модели. Би ги советувал родителите да не дозволуваат нивните деца да ги следат виртуелните инфлуенсери“, објаснува Бери.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Miquela (@lilmiquela) on

Но, кога станува збор за реалност, реални ликови и нивното влијание – ред е да се запрашаме колку е „почовечки“ нивниот пристап за изглед на социјалните мрежи кој е резултат на многу шминка, Фотошоп, корекции со разни апликации, филтрирано секојдневие, чија цел е да создадат совршена (и нереална) слика за нивните животи. А кога на тоа ќе се додадат пораките кои ги испраќаат со тоа – добиваме едно големо „продавање магла и ветар“. За жал, виртуелните „инфлуенсери/ки“ испаѓа дека не се ништо помалку „лажни“ од оние реалните.

Advertisements
To Top