Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Пред два месеца цела домашна јавност беше „залепена“ пред екраните. Оној чие име до пред неколку години не смееше да се изговори, ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, ја чекаше првостепената пресуда во предметот на СЈО „Таргет-Тврдина“. Во преносот во живо сите слушнаа како некогаш семоќниот Мијалков доби 12 години затвор.
Она што најголем дел од јавноста веќе го заборави е дека одењето на Мијалков во Шутка, а веројатно и во затвор, професионално го одработи Ленче Ристоска, обвинителка од поранешното СЈО. Таа беше највидливата од тројца обвинители во предметот и токму таа побара Мијалков да оди во затворски притвор откако му беше изречена пресудата од 12 години. Не смее да се заборави дека Мијалков дојде да си ја слушне пресудата за „Таргет-Тврдина“ од домашен притвор, иако претходно беше во бегство, пишува 360 Степени.
А како беше можно бегалец да биде во куќен притвор? На тој начин што пред да избега, судот го одби барањето да му биде изречен затворски притвор и досуди куќен притвор, а Обвинителството предводено од Љубомир Јовески, прво испрати, а потоа ја повлече жалбата. Случајно или не, повлекувањето на жалбата за куќниот притвор на Мијалков коинцидираше со „координацијата на премиерот со правосудните органи“ за враќање на Мијалков од бегство.
Додека да стигне до пресуда, предметот „Таргет-тврдина“ помина низ неколку критични фази, особено додека беше во истрага. Обвинителката Ленче Ристоска беше заедно со Катица Јанева кога нивни истражител беше приведен во полициски станица, затоа што „фотографирал објекти на Водно“, што ќе се испостави дека е непријавеното живеалиште на Сашо Мијалков.
Ристоска беше упорна и успеа да влезе и во „Телеком“, откако судот четирипати одби да ѝ издаде налог за претрес. Тој претрес ќе обезбеди потврда и докази за тоа како незаконски се прислушувало во Македонија.
Во „Таргет-Тврдина“, Ленче Ристоска не беше сама. Ѝ помагаа обвинителите Трајче Пеливанов и Артан Ајро. И двајца денеска беа „унапредени“ за обвинители во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, за што самите аплицирале. Советот за јавни обвинители гласаше едногласно. Сите 11 члена беа „за“ за овие двајца обвинители да се префрлат кај Вилма Русковска.
Но, третиот и најекспониран член на екипата што го изгради и истурка предметот „Таргет-Тврдина“ не доби таков третман. Напротив, Ленче Ристоска доби „казна“ од мнозинството во Советот на јавни обвинители за нејзината апликација да стане обвинителка во Вишото јавно обвинителство-Скопје.
Членовите на Советот што гласаа „против“ Ристоска се седум на број. Што е заедничко за нив? Немаше ниту еден глас „за“ од членовите Албанци на Советот. Меѓу нив, „не“ кажа и Иџет Мемети, довчерашниот народен правобранител. Меѓу тие што гласаа против се тројца од вкупно четворицата политички именувани членови на Советот на јавни обвинители, кои ги избира Собранието.
Со исклучок на актуелниот претседател на Советот, Ацо Колевски, против апликацијата на Ристоска гласаа сите членови на Советот што имаат или имале функција во јавното обвинителство или Советот на јавни обвинители од доаѓањето на власт на коалицијата СДСМ-ДУИ.
Членовите на Советот на јавни обвинители што гласаа „против“ се:
Арбер Исаку – член од 2016 (избран од Собрание, од 2020 потпретседател);
Фаик Арслани – член од 2020;
Иџет Мемети – член од 2020 (избран од Собрание);
Љубомир Јовески – член од 2015 (од 2017 ЈОРМ);
Коле Штерјев – член од 2016 (од 2017-2019 претседател);
Ангел Солев – член од 2018 (избран од Собрание);
Јасна Жежова – член од 2016.
Членовите што дадоа поддршка за унапредување на Ленче Ристоска се:
Ацо Колевски – член од 2018 (од 2019 претседател);
Фиданка Рајевска – член од 2016;
Антонио Јолевски – член од 2020;
Љупчо Ивановски – член од 2020 (избран од Собрание).
Ристоска: Разочарана сум
Во изјава за „360 степени“, Ристоска не го криела своето разочарување од одлуката на Советот на јавни обвинители. Посакува барем да имало образложение зошто членовите на Советот гласале така како што гласале.
„Јас сум разочарана од одлуката на Советот. Навистина не знам зошто, и покрај демонстрираниот професионализам и интегритет, работата на случаи како „Таргет-Тврдина“, „Талир 1“ и „Талир 2“ и, паралелно, со тоа работа во „Еуроџаст“, за која сум пофалена од самата институција, јас не заслужувам унапредување. Ќе беше убаво да ги слушневме и причините и размислувањата на членовите на Советот, а не само нивната конечна одлука“, изјавила Ристоска за „360 степени“.