Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Во знак на почит кон сите жртви од загадувањето со едноминутен молк, иницијативата „Движење за чист воздух“ го започна денешниот протест пред Цементарницата „Усје“. Тие за компанијата донесоа и симболичен пехар за „титулата трујач на годината“ и го блокираа влезот со црвена лента, пренесува 360 Степени.
Револтот не го насочуваат само кон „Усје“, туку велат дека протестите се крик за еколошка правда и ставање на јавниот интерес пред бизнисот. Со паролата „Алтернативно нè убивате!“, активистите побараа итна забрана на увозот на отпад бидејќи, како што велат, државата нема капацитет и механизам за ефикасна контрола.
„Политичарите се во корелација со олигарсите кои нè трујат. Ние денеска го дишеме нивниот профит. Бидејќи автоматски мониторинг не се прави, туку се користи како манипулација, ние се решивме на отпор против најголемите загадувачи, трујачи на животната околина“, порачаа активистите.
Пред Цементарницата дојде и генералниот директор Борис Хрисафов, кој ги убедуваше демонстрантите дека „Усје“ не ја загадува околината.
„Нашата компанија е прва во Скопје која има А-интегрирана дозвола. Ние сме компанија која практично го помина целиот тој пат и потроши повеќе од 70 милиони евра за да успее да ја добие таа дозвола. Сите мерења на емисиите докажуваат дека Цементарница ‘Усје’ не е причинител на зголеменото загадување на воздухот во нашиот град“, рече Хрисафов.
Активистите, пак, порачаа дека ова не е единствен протест и дека ќе продолжат со блокади.
Во меѓувреме, „Иницијативата О2“ повторно ги повика пратениците итно да го стават на дневен ред законот за забрана за увоз на отпад како извор на енергија. По протестот што се одржа минатата недела пред Собранието, пратениците од власта и опозицијата ветија дека ќе го изгласаат законот пред да се распушти парламентот, но невладините критикуваат дека сè уште оваа точка ја нема на дневен ред, а Собранието има уште четири работни дена.